Концерт на Александар Иванов - виолина и Ивона Базгалоска - пијано


Традиционално, фестивалот „Златна лира“ секоја година им го отстапува својот подиум на младите македонски изведувачи, а оваа година прилика да го претстават својот уметнички растеж ќе имаат меѓународно признаените млади уметници Александар Иванов на виолина и Ивона Базгалоска на пијано, чиј што концерт на програмата на фестивалот ќе се одржи вечерва (вторник, 30 октомври) во Музејот на Град Скопје во 20 часот. 

На програмата на концертот се дела од Ј. С. Бах, Ф. Лист, В. А. Моцарт и К. Дебиси. 

Александар Иванов (Скопје, 2000) потекнува од познато музичко семејство. Виолина започнува да учи на седумгодишна возраст. Музичко образование го продолжува во Виена, Австрија, од каде се очекува да замине во Швајцарија, каде на Женевскиот конзерваториум своите студии ќе ги продолжи во класата на Светлин Русев. На деветгодишна возраст Александар ја добива првата награда на Меѓународниот конкурс за виолина во Арангеловац, Србија, како и првата награда на Државниот натпревар во Скопје, по што следуваат повеќе први награди не само по виолина, туку и по солфеж. Добитник е и на втора меѓународна награда во Србија и на трета награда на престижниот „Меѓународен виолински конкурс – проф. Недиалка Симеонова“ во Хасково, Бугарија. Во 2014 година, на Московскиот меѓународен фестивал „Открита Европа – открита планета“, во категоријата соло-виолина, се закитува со Лауреат од втор степен. Во 2015 година на Интернационалниот натпревар по виолина „Сребрен камертон“ во Санкт Петербург, Русија, освојува Лауреат од прв степен. На првиот Danube Concerto Masterclass and Competition with Danube Symphony Orchestra, одржан во Будимпешта, Унгарија (2016), ја добива Специјалната награда од оркестарот. Во 2017 година, на Интернационалниот виолински конкурс во Осака, Јапонија, освојува четврта награда (првата не е доделена). Иванов свири и пијано, при што на Државниот натпревар во Скопје (2016) ја освојува првата награда. Во последните неколку години тој постојано е присутен на македонската музичка сцена, настапувајќи како солист со Камерниот ансамбл „Арко“, четири пати како солист со Македонската филхармонија, како и со Симфонискиот оркестар на ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, на „Виолин фест“, на „Денови на македонска музика“… Александар Иванов успешно ја претставува Македонија и во странство, настапувајќи во Софија во рамките на Европскиот музички фестивал, како солист со „Danube Symphony Orchestra“ во Будимпешта, како солист со оркестарот на Classic FMрадиоподдиригентскатапалкана маестро Веско Ешкенази во Софија. Изминатиот период во Виена бележи поголем број солистички и камерни настапи. Иванов посетува голем број мастер-класи кај еминентни виолинисти – Вадим Репин, Стефан Миленковиќ, Луис Каплан, Роман Симовиќ, Светлин Русев, Михаил Готсдинер, Игор Петрушевски, Надја Неволович, Кшиштоф Венџин, Јоси Зивони и Леонид Кербел. Во 2018 година настапи на отворањето на „Деновите на македонска музика“ во изведба на Концертот за виолина и оркестар од својот брат, Филип Иванов.
 
Ивона Базгалоска (Охрид, 1999) музичкото образование го започнува на петгодишна возраст кај професорот Гоце Гаврилоски. Потоа продолжува да се школува во ОМУ „Методи Патче“ во Охрид (класа Даниел Чуркоски), а средното образование го продолжува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, (класа Нина Костова Јаневска), а работи и под менторство на професорите Борис и Људмила Романови. Моментално е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на Нина Костова Јаневска. Редовно настапува на концерти, државни и меѓународни натпревари. Нејзината биографија бележи седум специјални први награди, и други бројни признанија како во Македонија, така и во Италија, Србија, Англија и САД. Одржала солистички рецитали во Скопје и Охрид, а два пати настапила како солист со Македонска филхармонија (2015 и 2017 година).