Заслужена награда

(Кон концертот на Страшо Темков – флејта и Миле Каровски – гитара)

Со настапот на флејтистот Страшо Темков и гитаристот Миле Каровски започна овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. И не случајно, концертот на отворањето му припадна токму нему, бидејќи Темков минатата година ја понесе наградата за врвни уметнички достигнувања, доделена од оваа асоцијација. Убаво е кога ова признание  доаѓа сосема заслужено на уметник, изнедрен и оформен во нашата средина. Негувајќи концертен репертоар со дела од различни стилски музички епохи и особен интерес при изведбите на композиции  од македонското музичко творештво, Страшо Темков  во текот на своето повеќегодишно музичко дејствување создаде забележителна уметничка биографија. Освоените награди на домашни и меѓународни натпревари, во текот на едукативниот период, се надоплнуваат со редица изведби на рецитални програми, концертни настапи и соработка со бројни оркестри и диригенти, како и учество на реномирани фестивали, кои Страшо Темков ги реализира на домашната сцена и на концертните подиуми во Европа, САД. Во периодот од 1991 до 2010 година, тој дејствуваше како прв флејтист  на Македонската филхармонија.

Концертот започна со композицијата Entr’acte (пауза, интермецо), едно од најпознатите дела на францускиот композитор  Ж. Ибер, по кое следеше Суита бр.3  Р. Ди Марино, Cafe 1930 од А. Пјацола, Capricio за соло флејта од А. Гргин и Романски народни танци од Б. Барток. Поводот за овој концерт беше навистина значаен, а  досегашните настапи на Темков представуваа гаранција дека ќе присуствуваме на повеќе од солидни  изведби на делата. Можеби ќе бидеме неискрени ако не признаеме дека очекувавме концертна вечер со дела од различни периоди на музичката историја, со чија интерпретација во преден план ќе беше истакната техничката супериорност на изведувачот. Но, сосема други беа исполнителските хоризонти на Темков со кои се представи на овој концерт. Посветеноста на работата на секој тон, фраза и техничките елементи во изведбата на делата беа надминати и насочени во друг правец. Со доволно експресија, онаму каде што беше потребно, флејтистот Темков создаде сосема личен интерпретативен печат. Може да се каже дека овој концерт го представува периодот на неговиот исполнителски зенит. Она што остави најголем впечаток беше особената зрелост и музикалноста во изведбата на делата. Филигрански донесените теми (особено во Хуморескта од Суитата бр.3 од Р. Марино и првиот од шесте изведени Романски танци од Б. Барток) и изработените фрагменти во композициите, со индивидуален сензибилитет, придонесоа во развивањето на музичката мисла со особено чувство на градење на целината. Со својот интерпретативен потенцијал Страшо Темков  со право се вбројува во еден од водечките македонски музички  уметници.

Постигнатиот изведувачки дострел во потполност беше вообликуван со музички суптилната интерпретација на гитаристот Миле Каровски. Звуците на флејтата и гитарата мошне убаво се надополнуваа со соодветниот тонски со усет постигнат баланс во созвучјето на овие инструменти.

Дека музичката вечер беше навистина добро осмислена потврдија и солидните прецизно воедначени изведби на квинтетот флејти „Аулос“. Тие се представија со делата Летен ден во планините од Е. Боца, Вода од М. Бакрнчев и аранжманот од В. Димовски на македонската народна песна Не стој Доне, Донке. Нивниот настап представуваше соодветен осврт на повеќегодишната дејност на Темков, која го опфаќа и полето на педагогијата, како професор по флејта на Факулетот за музичка уметност во Скопје. Со настапот на овој ансамбл чиј основач е Страшо Темков, беше представен уште еден дел од повеќестраната дејност на овој уметник.

Мирјана Павловска Шулајковска