-
26.10.2018
-
Рецензии, Актуелно
Кон концертот на Горан Начевски – баритон и Татјана Огнаноска - пијано
На втората вечер од овогодишниот фестивал на музичките уметници на Македонија - „Златна лира“, публиката имаше можност да го проследи концетот на баритонот Горан Начевски и пијанистката Татјана Огнаноска. Овој концерт за слушателите представуваше посебно задоволство, бидејќи на подиумот во салата на Музејот на град Скопје настапија уметници со докажани изведувачки квалитети.
Во нивните биографии забелжуваме успешни уметнички кариери со концертни активности и педагошки дејности, кои ги остваруваат на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Повеќестраната музичка активност на Горан Начевски низа години се одвива во полето на вокалната и продуктивната дејност. Образуван на Факултетот за музичка уметност во Прага (магистрирал соло пеење и докторирал музичка теорија со специјализација по теорија на композиција), композиторскиот опус на Начевски бележи изведби на нашите концертни подиуми и во повеќе европски земји. Овој уметник ја гради својата вокална кариера со низа концертни настапи и како солист во Македонската опера и балет. Пијанистката Татјана Огнаноска, родена во Русија (образувана на конзерваториумот „Николај Римски – Корсаков“ во Санкт Петербург) е уметник кој долги години живее и активно учествува во концертниот живот во нашата средина. Таа реализира бројни настапи со еминентни домашни уметници и солисти од странство.
На овој настап тие се определија за концертна програма во два дела: циклусот Библиски песни, оп. 99 од Антонин Дворжак, создаден врз основа на десет псалми и 9 соло песни оп. 4, 14 и 26 од творештвото на композиторот Сергеј Рахманинов (Ништо нема да ти кажам, Те молам не си оди, Утро, Во тишината на тајната ноќ, Зеде се од мене, Бев со неа, Таа е прекрасна како пладне, Време е).
Изведувајќи ја оваа програмска концепција, Горан Начевски ја оствари својата интерпретативна тенденција кон едно високо професионално толкување на делата. Со внимателниот приод кон изведбата (на секој тон, секоја музичка фраза) тој представи прецизна интонација, јасна дикција и убави динамички распони. Во прикажувањето на уметничката димензија на творбите, изведбата се движеше од молитвениот карактер на Библиските песни на А. Дворжак, преку широката палета на расположенија во соло песните на С. Рахманинов.
Значајното концертно искуство и особено високата концентрација беа очигледни во настапот на пијанистката Татјана Огненовска. Преку мајсторското следење на солистот, извлекувањето на поедините теми и мотиви во пијанистичкиот дел на композициите, третманот на нотниот текст и обликувањето на стилските насоки на делата, Огненовска беше неопходен рамноправен партнер во создавањето на вкупната атмосфера.
Тоа што беше истакнато во преден план при изведбата на овие уметници и остави впечаток во рамките на концертот во целина, беше стремежот кон максимално навлегување во содржината на композициите. Нивниот настап претставуваше вдахновена и пред се’ култивирана музичка креација.
Мирјана Павловска - Шулајковска