Вљубеност во трагањето по „новото“

Концептот на фестивалот „Денови на македонска музика“, покрај другото, е да открива нови автори и дела од современото македонско музичко творештво. За поздравување е идејата на фестивалот „Златна лира – 2018“, чии организатори во програмата која нуди настапи на искусни исполнители, ја вклопија и вечерта на млади музички и драмски уметници со интересен мултимедијален проект. Во фокуот, повторно е промоција на македонското музичко творештво.  На „Деновите“ го запознавме првиот дел од уметничкиот циклус „М“ – „Монохроматика“, а на „Златна лира“ беше претставен вториот дел – „Монолози“ како заокружување на заедничката визија. Во вториот дел од циклусот, акцентот е ставен на вечната инспирација на нашите композитори – македонскиот музички фолклор, како неисцрпен извор за пронаоѓање нови модуси и отелотворување во разнородни музички дела.

Пронаоѓањето вистинска мерка за да се создаде инвентивен мултимедијален уметнички проект а при тоа да се избегне ризикот од грубо мешање и напластување на стилови и идеи, од идејните творци бара истенчено познавање на сферите кои планираат да ги поврзат. Тоа претпоставува адекватно академско знаење и напорна работа. Но интелектуалноста сама по себе не гарантира естетско искуство. Она што е многу поважно за постигнување фина обединетост на уметностите е имањето природен дар, вљубеност во трагањето по „новото“ и искрен пристап.

Во „Монолозите“ ги пронајдовме и првите и вторите претпоставки, па добивме убав спој на музика, поезија и драмски приказ. Но тука не станува збор за уметнички израз кој подразбира изнаоѓање на нов творечки јазик и стил. Перформансот „Монолози“ трага по автентичен концепт за претставување на постоечките повеќе или помалку познати музички пиеси за пијано, виолина, контрабас, глас и ксилофон од творештвото на некои наши автори. Композициите на доајените на современата македонска музика Трајко Прокопиев, Томислав Зографски и Драган Ѓаконовски Шпато, уникатниот Гоце Коларовски, но и претставниците на новото време  Дамјан Темков, Иван Петровски и Наташа Стојановска добија поинаков лик видени преку креативниот пристап на идејниот творец на перформансот, Ива Дамјановски и група нејзини очигледно блиски истомисленици.

Тоа што се наметнува како осбено обележје на мултимедијалниот перформанс „Монолози“ е фактот дека со поврзувањето на сите чинители, музичките пиеси, познатите стихови, драмската изведба, историскиот контекст на делата, во мигот на интерпретација пред публиката се создава еден нов оригинален уметнички продукт. Секој од уметниците кои учествуваат во оваа музичка претставата со визура на мал театар, има простор да го искаже својот „монолог“, а во исто време да учествува во создавањето на новото дело.

Познатите стихови на Конески, Андреевски, Шопов и Јаневски кои инспиративно ги говореа младите актери, се вткаени во музичкото ткиво на пиесите создавајќи чувство дека една зедничка нишка ги поврзува музиката и поезијата, минатото и сегашноста, народните напеви и прогресивниот звук. Таа нишка вибрира во изведбата на младите уметници кои очигледно го креираат перформансот „Монолози“ со нескриен жар. Свитата за пијано од Томислав Зографски несомнено добива нов лик и експресија во пар со песната „Сон“ од Блаже Конески. Познатиот оригинален музички стил на Драган Ѓаконовски – Шпато кој прозвучи во композицијата „Елегија за Бранка“ го слушнавме како вовед во стиховите од Петре М. Андреевски и песната „Дожд“. Драмската компонента на „претставата“ придонесе музичките дела да добијат посилен интензитет и нова форма. Особено сугестивни беа изведбите на минималистичката пиеса за пијано „Сцени“ од Гоце Коларовски во релација со песната „Умилкување“ од Петре М. Андреевски. Композицијата „Квад“ од Дамјан Темков која во себе обединува спој на ритмичка и жанровска разноликост врз база на познати македонски народни песни, како и енергичната и ефектна „Македонска рапсодија“ од Наташа Стојановска беа исто така дел од овој синкретичен потфат.

Искористувајќи ја уникатноста на просторот во Музејот на град Скопје кој го носи духот на еден заробен миг од минатото на градот, во мистична затемнета атмосфера младите уметници приредија интересно уметничко оставрување. Убаво е чувството да се доживее стариот, познат простор на нов начин благодарение на неконвенционален приказ на програма.

Иако тежиштето на овој тип мултимедијални претстави не го насочува слушателот кон оценка на интерпретацијата на поедините чинители на делото, туку кон перцепција на целосната слика, сепак ќе истакнеме дека вдахновените изведби на младите музичари и актери придонесоа да се обликува конечната замисла.
Енергијата која ја емитуваат овие млади уметници во себе ја обединува потребата од авангарден израз но во исто време и уживње во традиционалниот фолклорен идиом од кој всушност произлегува нашиот современ музички израз. Ќе ги запомниме нивните имиња со верување дека пред нив стојат многу визии и потрага по нови уметнички остварувања... Ива Дамјановски, Сара Анастасовска, Ема Ананиевска, Давид Илиќ, Диана Мирчевска, Чедомир Митевски, Александра Чуруковска, Тамара Коминовска, Ивана Јордановска, Антоние Весковски.
 
Викица Костоска - Пенева