Концерт на Весна Ѓиновска - Илкова (сопран) и Кристина Светиева (пијано), к.г. Елена Русланова (мецосопран)


Вечерва, во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концерт на кој ќе настапат сопранот Весна Ѓиновска - Илкова во пијано придружба на Кристина Светиева. Гостин на концертот ќе биде мецосопранот Елена Русланова од Русија. Концертот е дел од циклусот Pro Musica, а на програмата се песни од циклусот SeiArriete од Берлини, циклусот „Шест романси“ од Верди, како и познати арии на Петров, Бизе и Глинка. 

Весна Ѓиновска Илкова е водечки оперски драмски сопран во Македонија, певица со софистицирано пијано, беспрекорна вокална техника, огромна музикалност, харизма и силно сценско присуство. Нејзиното деби на сцената на Македонската опера и балет во 1996 година во улогата на Михаела во „Кармен“ добива одлични оцени, а критичарите ја истакнуваат нејзината извонредна легато техника. Илкова своето деби на меѓународната сцена го остварува во 2001 година во Националната опера на Софија во комплексната улога на Елизабета во „Дон Карло“ од Верди. По успешниот настап на бугарската сцена, Илкова ја толкува улогата на Тоска во истоимената опера на Пучини. Весна Ѓиновска Илкова ужива богата домашна и меѓународна кариера, а досега настапувала во Данска, Хрватска, Словенија, Бугарија во постановките на „Аида“, „Отело“, „Турандот“, „Мадам Батерфлај“, „Симон Боканегра“, „Атила“, „Моќта на судбината“, „Бал под маски“, „Лидија од Македонија“... Македонската критика ја нарекува „мајстор на патосот и драмата“ и ја поцртува сензибилноста и емоционалноста која Илкова им ја дава на улогите што ги толкува. Освен на оперската, Илкова е редовно присутна и на концертната сцена, и е добитничка на голем број значајни награди и признанија.
Професор е на факултетот за музичка уметност во Скопје.
 
Кристина Светиева се истакнува како една од македонските најталентирани млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира во 2008 год. (со „cum laude“)  под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата две годишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „ Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во април 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на Проф. Жени Захариева.Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (“Охридско Лето”, “Скопско Лето”, “Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија, Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД). Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија.

Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат дебито со Македонската Филхармонија на седумгодишна возраст, а потоа следуваат низа настапи со истиот оркестар. Забележителни се и настапите со оркестарот на Факултетот за Музичка Уметност, како и учеството на повеќе интернационални музички фестивали во Турција, Северен Кипар и Холандија. Исто така има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија , како и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија – Бугарија, Стокхолм – Шведска, Париз – Франција и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова. К. Светиева работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Елена Алексеј Русланова е лауреат на повеќе меѓународни  натпревари. Дипломирала на Државниот конзерваториум во Саратов . Таа во моментов соработува со повеќе руски оперски куќи, особено со Саратовскиот театар за опера и балет. Русланова,исто така е солистка на концертно-филхармониското здружение  "Опера" од Саратов. Во нејзиниот репертоар се застапени водечките мецо-сопрански улоги од светскиот оперски репертоар како што се Кармен („Кармен“ од Бизе), Азучена („Трубадур“ од Верди), Грофицата  Полина  „Пикова дама“од Чајковски), Олга („Евгениј Онегин“ од Чајковски), Љубаша („Царска Невеста“од Римски - Корсаков) и други. Елена Русланова се истакнува со својата активна концертна дејност. Гостува во многу руски градови со солистички настапи. Таа е чест гостин  на концертните програми на истакнатиот оперски пеач и Народен уметник на СССР, професорот Леонид Сметаников. Под негово водство, Елена студирала на конзерваториумот и во моментов продолжува со него да подготвува класични дела, романси, руски народни песни и друг репертоар. Елена Русланова исто така се занимава со педагошка дејност во Саратовскиот Државен конзерваториум.