Свечено затворање на фестивалот „Златна лира“


Во четврток (1 ноември) со почеток во 20 часот во Музејот на Град Скопје свечено ќе биде затворено годинашното, дванаесетто по ред издание на фестивалот „Златна лира“. На вечерта, Сојузот на музичките уметници на Македонија - СМУМ традиционално ќе ги додели наградите „Златна лира“ за животно дело и за највисоки уметнички достигнувања во текот на една година, кои оваа година ги добиваат виолинистот Михајло Куфојанакис, односно пијанистката Марија Ѓошевска. Фестивалот ќе биде заокружен со концерт на кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска - Ивановска. На програмата на концертот се дела од К. Пендерецки, Д. Имери, Т. Зографски, Б. Мартину, Р. Мучински. 

Ристо Ѓоревски дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Иван Кочаров, во чија класа подоцна ги завршува и постдипломските студии. Во текот на своето школување забележува бројни настапи како на концерти така и на државните натпревари по кларинет и камерна музика. Посетувал семинари кај Филип Пагљалонга, Јоко Јокота, Пол Маер, Николас Кокс. Наградуван е со Прва државна награда за кларинет во 1994 и 1997 година и Прва државна награда за камерна музика во 2002 година, а во 2015 година како дел од ДУО КЛАРИНЕТИ Ѓоревски - Бакревски ја освојува сребрената награда на натпреварот „Свирел“ во Словенија, во категоријата камерни состави. Концертно настапувал на повеке соло рецитали, но и како член на различни камерни состави и оркестри во републиката и надвор од неа. Одреден период настапувал како член на Македонскиот дувачки квинтет, додека во моментов активен член на Скопскиот дувачки квинтет. Настапувал и со Симфонискиот оркестар при Факултетот за музичка уметност од Скопје, камерниот оркестар „Св. Софија“, Битолскиот камерен оркестар, Балканска филхармонија - Скопје, оркестарот „Јохан Штраус“, симфонискиот оркестар на КултурОп, оркестарот за филмска музика FAME’S, Македонската Филхармонија и Оркестарот на Македонската опера и балет, каде што е и вработен. На меѓународно ниво настапувал во Интернационалниот младински оркестар - Сараево 2003 година, Кралскиот симфониски оркестар при палатата Виланов – Полска, Меѓународниот московски фестивал за славјанска музика, каде што бил и член на жири комисија и настапувал како солист. Реализирал повеќе аудио и ТВ записи како и издадени два компакт диска со Скопскиот дувачки квинтет, а неодамна го издаде и својот прв солистички компакт диск. Ѓоревски музицирал на подиумите на „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест-Битола“, „Хераклејски вечери“, „Битфест“, „Штипско лето“, „Дојрански ракувања“, „Сараевска зима“, како и во во Австрија, Aлбанија, Србија, Словенија, Бугарија, Полска, Русија, САД, Индонезија. Како солист забележани се неговите настапи со Македонската филхармонија, Оркестарот на Македонската опера и балет и Московскиот државен академски симфониски оркестар. 

Елена Атанасовска - Ивановска е една од најуспешните и најафирмираните пијанисти во Република Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Лепа Мрмевска. Дипломира со највисока оцена CUM LAUDE на Факултетот за музичк­а уметност во Скопје во класата на еминентниот проф. Борис Романов. Во 2005 година завршува постдипломски студии во класата на истиот професор. Во текот на музичкото образование се здобива со награди на државни и меѓународни натпревари. Повеќе први награди на републичко ниво, I награда на меѓународниот натпревар „Златен Лист“ во категорија на дуо состав во Сан Бартоломео, Италија (1996), II награда на истиот натпревар во категорија соло пијано (1996), II награда на натпреварот „Музиката и земјата“ во категорија на камерни состави, Софија, Р. Бугарија (1996), III награда на Шопеновиот натпревар во Нови Сад, Србија (1997).  Учествувала на пијано семинари кај еминентни професори: проф. Љ. Рошчина, проф. С. Доренски, проф. А. Бондурјански, проф. А. Валдма, проф. Ј. Михајловиќ, проф. М. Молова, проф. Н. Макарова, но најплодна и најуспешна е соработката со рускиот проф. Борис Романов, во чија класа ги продолжува студиите по пијано. Повеќепати имала соло настапи  со Македонската Филхармонија и Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија. Бројни се концертите во рамките на домашните реномирани фестивали „Охридско лето“, „Скопско Лето“, „Есенски музички свечености“, „Интерфест Битола“, „Денови на Македонска музика“, „Битолско лето“, „Гевгелиска есен“, но и фестивали надвор од земјава: „Сараевска Зима“ – Босна и Херцеговина, „Festival de Musica do palacio da Bolsa“ - Португалија, „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ – Шпанија,  „Guarnerius, Centar lepih umetnosti Jovana Kolundzije“- Р.Србија, „Carniarmonie“, „Нимус“- Р. Србија, „ДАМ фестивал“- Приштина, Косово и др. Со рецитали, полурецитали и како пијано соработник настапувала низ цела Македонија и надвор од неа: Русија, Америка, Франција, Шпанија, Португалија, Италија, Грција, Република Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово.  Во 2015 година имаше успешен настап во Москва, каде настапи како гостин на концертот на дувачкиот квинтет од „Балшој Театар“, Москва, а по покана од музичкото училиште „М. Балакирјев“, беше член на жири на 11-от Фестивал  за Славјанска музика, во категорија пијано. Во моментов работи како доцент по корепетиција и практика на Факултетот за музичка уметност- Скопје. 

Влезот е слободен.