Емоционална и впечатлива интерпретација

Кон концертот на Весна Ѓиновска Илкова - сопран, Кристина Светиева - пијано и Елена Русланова - мецосопран (Русија), во рамките на циклусот „Pro Musica“ во организација на СМУМ
 
Концертот на македонска оперска певица - Весна Ѓиновска-Илкова-сопран во пијано придружба на Кристина Светиева, што се одржа во вторникот во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на циклусот „Pro Musica“ во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија, беше прекрасна можност да слушнеме камерни композиции од циклусите на италијанските оперски композитори Винченцо Белини и Џузепе Верди. Станува збор за соло песни напишани во романтичарски дух, полни со ненадејни возбудувања и променливи расположенија, а притоа секогаш блиски до италијанските фолклорни мелодии како инспирација на свежи и изворни идеи. Токму затоа тие се дел од концертниот репертоар на познатите светски оперски пејачи бидејќи се голем предизвик за нивната гласовна и музикална способност, односно за прецизно и одмерено поставување на секој тон и музикалното реализирање на секоја фраза, притоа со различна вокална техника. Нивната изведба истовремено бара совршена и емоционално-впечатлива интерпретација, истовремено и една дискреција во субјективното доживување на мелодијата на секоја песна засебно.

Може слободно да се каже дека ваквиот пристап и токму таа разлика во техниката на изведбата циклусите,  беше водилка и во програмската концепција на Весна Ѓиновска - Илкова. Во оваа пригода и на концертната сцена таа уште еднаш ги потврди високите оценки за нејзината вокална уметност. И очекувано за едно афирмирано име кое, покрај многубројните  настапи во земјава, богатата меѓународна кариера, својот уметнички растеж го доживува како долгогодишен првенец на Македонската опера креирајќи на сцената неколку мошне успешни улоги од т.н. железен репертоар, кои ќе останат трајно запаметени во нашата музичка средина. Се разбира, зад сето тоа стои континуирната работливост на Ѓиновска-Илкова, постојаниот ангажман  и комплетна посветеност во градењето на личниот репродуктивен интегритет.

Концертот започна со циклусот за (висок) глас и пијано од В. Белини насловен Шест ариети (Sei Ariette, 1820). Широките и чисти мелодии како главна одлика на италијанското белканто на Белини, особено во „Malinconia, Ninfa gentile, „Vanne, o rosa fortunate, „Per pieta, bell’ idol mio, „Ma rendi pur contenti,  Ѓиновска-Илкова ги пренесе со непосредност и топлина, со издржани и долги легато фрази кои ја напластуваа треперливата кантилена преку техниката на високите и ниските тонови. Во функција на хармонска придружба и зголемување на ефектот на нивната експресивност, придонесе сигурниот и студиозен пристап  на пијанистката Кристина Светиева,  неопходен за успешна камерна соработка.

И ако во изведбата на песните од Белини, Гиновска- Илкова го долови карактерот и, заедно со пијаното, создаде лирична, распеана атмосфера, во циклусот Шест Романси  од Џ. Верди (Sei Romanze, 1838) таа се потврди како водечки драмски сопран, со експресија на длабоки, интимни  и внатрешни доживувања како одраз на акумулираното искуство од изведбата на голем број оперски улоги од овој композитор (Аida, Forza del Destino, Un ballo in maschera, Оttelo, Simon Boccanegra, Аttila). Вердиевата музика е нејзиниот фах, и не случајно македонската критика ја нарекува мајстор на патосот и драмата  во толкувањето на различните улоги што ги наложува оперското дејство и сценскиот амбиент. Во таа смисла би ја издвоиле изведбата на „Non t’accostare all’urna,   „More, Elisa, lo stanco poeta, „Nell’orror di notte, овојпат со различна техника, со многу градни, ниски тонови  кои наеднаш преминуваат во високи акутирани тонови. Во симбиоза  со одмерените динамички градации на пијаното на Светиева  и усет да го следи уметникот, Ѓиновска-Илкова кулминираше  во  романсите „Perfuta ho la pace и „Deh, pietoso oh Addolirata. Иако малобројна, публиката веднаш ја препозна таа ненаметлива драмска чувствителност во нејзината интерпретација и способност за природно музичко карактеризирање во мигот на сцената. Ѓиновска-Илкова возврати со бис на темпераментниот „Чардаш“ од оперета Војвотката од Чардашот  на унгарскиот композитор Е. Калман.

Концертот беше збогатен со настапот гостинката Елена Алексеј Русланова мецосопран од Русија. Таа ги изведе романсата „Јас сум тука, Инезилја“ од М. Глинка , „Арија на Екатерина од операта Петар Први од А. Петров,   и секогаш популарната „Хабанера од операта Кармен од Ж. Бизе, преку кои откривме пејачка со гласовен потенцијал и сценска изразеност претпоставуваме како резултат на нејзиниот широк оперски репертоар  во кој се застапени водечките мецосопрански улоги.

За жал, поради слабата посетеност и полупразната камерна сала на Македонската филхармонија,  малкумина го споделија ова музичко доживување. Сепак, убави се овие поводи каде што публиката има можност да ги проследи концертните остварување на оперските уметници со самостојни рецитали.

Стефанија Лешкова