Почитување и инспирација на соговорникот

Златна лира 2018 - свечено затворање: концерт на кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановски

Заокружувањето на фестивалот на Сојузот на музичките уметници на Македонија,  „Златна лира“ 2018 на 1 ноември се оствари со концертот на кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска, во Музејот на град Скопје. Ѓоревски избрал програма која го претставува современото видување на кларинетот и неговите можности во 20 и 21 век. При тоа тој дава особено внимание на творештвото на домашните автори, презентирајќи дела креирани од двајца македонски композитори со сосема различни композиторски дискурси. Со својот соработник пијанистката Атанасовска-Ивановска, вообликуваа композиции кои не затскриваат и не протежираат еден инструменталист, туку заемно музицирање.

Ристо Ѓоревски го започна настапот со кус вовед пред секоја композиција за историјатот на нејзиното создавање, стилската припадност на композициите. Така на почетокот беше изведена солистичката композиција на Томислав Зографски, Пет пиеси за кларинет соло, оп. 131. Со особена почит и скромност Ѓоревски наведе, дека во белешките на Зографски е посочено дека делото е пишувано за македонскиот кларинетист Стојан Димов и неговите врвни технички и музички капацитети во 1997 година,  и дека тој ќе се обиде композицијата да прозвучи достојно на идеите и желбите на неговиот творец. Композицијата се базира врз латентни фолклорни мотиви, како и елементи на црковното пеење кои се согледуваат во одредени мотиви кои се развиваат во мелодиската линија  и ритмичката пулсација, репетитивни градeња на мелодијата. Исклучително забележливи се динамичките градации кои треба да се оформат особено во првата пиеса, а од втората пиеса па понатаму да се забележат фолклорните призвуци и поголемата раздвиженост на мелодијата со скриена танцова пулсација, скерцозност и виртуозност. Ѓоревски без форсирања, сосема култивирано ја изведе композицијата, претставувајќи го индивидуалното ниво како на звукообликување така и на техничко достигнување.

Препознатливиот неокласичарски звук на Зографски и фолклорните инспирации во последната фаза на неговото творештво се надоврзаа со изведбата на Сонaтината за кларинет и пијано Н.365 (1956г.), создадена исто така во неокласичарски манир од Бохуслав Мартину. Пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска која воведува во делото даде исклучително креативен стимул во заемната интерпретација. Со нејзиното музицирање ги задоволи барањата изложени во нотниот текст, експресивно и колоритно вообликувајќи ги танцувачките пулсации на делото,  давајќи основа и потенцирајќи онаму каде што е неопходно на специфичноста на ритмичката специфика на делото (исполнето со вкрстени ритми), но и тематски и динамички водејќи го Ѓоревски во неговата ролја. Ѓоревски виртуозната композиција ја изведе со неопходната експресија, јасно вообликување на музичката мисла, без изненадувања, сосема стабилно и професионално. За разлика од првиот танцувачки и енергичен став, вториот став од сонатината на Ѓоревски му дозволи да ја прикаже поинтензивно, но во поинаков карактер способноста за развој на музичката идеја која тече во лирска конотација. Финалето на сонатата во кое како и во претходните делови Мартину го исполнува со асоцијации на полката и маршот само ја потврди меѓусебната комуникацијата на уметниците во развивање на авторовата идеја.

Трите минијатури за кларинет и пијано (1954г.) на полскиот композитор Кшиштоф Пендерецки, Ѓоревски и Атанасовска-Ивановска, ги однесе во светот на сонористиката, кластерите и секако виртуозноста. Минијатурите прозвучија скерцозно, со јасни дијалози, сонорно и контемплативно и динамично во финалето.

Премиерно беше изведена композицијата „Седумка“ за кларинет и пијано од Дамир Имери, создадена во народен дух, како формално така и содржински. Идејата да се изгради композиција инспирирана од фолклорот застапена во ритмичката пулсација на делото, но и мелодискиот развој на делницата на кларинетот, беше надополнета од т.н. премини во делницата на пијаното кои го следат хармонскиот јазик на Имери, а при тоа интересно го надополнуваат фолклорот. Кусата композиција му дозволи на Ѓоревски, да го претстави култивираното, виртуозно толкување на новиот фолклорен звук, проткаен со сигурната и динамична игра на пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска.

Концертот се заокружи со премиерната изведба на делото на американскиот композитор  Роберт Мучински, наречено „Time pieces” за кларинет и пијано (1983). И се чини токму оваа композиција ја плени публиката пред сè поради сублиматот на различни стилови и жанри во него, контрастниот карактер на секој дел, но особено поради еднаквиот пристап кон секој од инструментите во партитурата. При создавањето на делото, кај Ѓоревски и Атанасовска-Ивановска, слушнавме колоритното наслојување, експресивност, мелодискиот развој на идеите кај кларинетот, беше надополнет со сонористиката во хармонските прогресии од страна на пијаното и впечатлива артикулација, агогика и динамичко нијансирање кај обајцата. Во секој дел, независно од создадената атмосфера или од техничките барања на партитурата, од страна на двајцата музичари се забележуваше особено почитување на соговорникот на кој му се дава примат, онакa како што тоа го бара пишаниот нотен текст или како што го чувствуваат уметниците. Таквото меѓусебно почитување и инспирирање во уметничкото изразувањето, секако заслужи внимание и бројни аплаузи од публиката.

Елени Новаковска