Уметнички вибрации

Осврт кон концертот на Македонската филхармонија „Руска игра“

Диригент Борјан Цанев , Солист  Џозеф Алези, тромбон (САД)

 

Во низата успешни и повеќе или помалку атрактивни програмски концепти, концертот под наслов „Руска игра“ под диригентрската палка на Борјан Цанев и солистот Џозеф Алези на тромбон од САД, беше  доволен предизвик концертната сала на Македонската филхармонија во значителен број да биде посетена, покрај останатите и од бројни професори, уметници и студенти од оваа катедра. Вториот предизвик беше и по подолго време, повторната изведба на балетот „Петрушка“ од Игор Стравински.

Концертот  започна со изведба на ново  дело, „Адаџо за Јагода Сланева“ на еден од најплодните македонски композитори Љубомир Бранѓолица, создавач на мноштво  творби од повеќе музички жанрови и стилови, од класични дела, популарна и џез музика, се до музика за театарски претстави, филмска музика.... Низ целиот повеќе од седумдецениски творечки пат  очигледен е неговиот интерес кон балетската музика од кој се изродија 18 целовечерни балети  во неоромантичарски стил.

„Адаџото за Јагода Сланева“, како што впрочем и самиот наслов говори, е инспирирано и посветено на македонската примабалерина и кореограф Јагода Сланева (1949-2017), кое според кажувањата на авторот се базира на една средба од младоста, всушност е своевиден омаж или сеќавање, или пак уште повеќе е создадено во чест на една долгогодишна и прекрасна професионална соработка.

Останувајќи доследен во тоналната структура на своето композиторско перо, делото изобилува со современи хармонии, со  неговите мошне препознатливи широки мелодиски линии,  со  суптилни поетско-лирски делници особено впелатливи кај пијаното и англискиот рог. Во духот на балетскиот вокабулар, лирско- емотивниот израз на момент не потсети   на страствената посветеност на уметникот кон оваа синкретична уметност, на енормната напорна работа на сцената, големите возбудувања, треперења и радост,на неговата постојана осуденост на  очекување на  совршенство. Сентименталноста, посакувано,  длабоко ги трогна сите оние кои повеќе или помалку ги  познавааа креациите на  Сланева.

Веројатно, како вистински  раритет на концертната вечер , но верувам и во повеќе децениската историја на Македонската филхармонија  ќе биде забележан настапот на Џозеф  Алези прв тромбонист на престижната Њујоршката филхармонија, кој  се смета за еден од најдобрите тромбонисти не само во САД , туку и пошироко, уменик со богат  солистички репертоар, интерпретатор на ретко изведувани дела и добитник на Пулицеровата награда.

Концертот за тромбон и оркестар од францускиот композитор и диригент Анри Томази, иако создаден кон средината на минатиот век во ерата на експерименталните изрази и обиди во класичната музика,  е творен во класичен стил со три става, тонски, привлечен и допадлив со изразена „француска елеганција“. Џозер Алези едноставно  го распосла сиот свој уметникчи капацитет почнувајќи со совршена интонација, бесптекорна техника и моќ на виртуозност, динамика, драматичност, и заедно со окестарот и диригентот пласираа волшебна обоеност  на звучната маса низ целата партитура. Беше тоа  несекојдневно естетско поимање за тонот и неговата култивираност. Дури и непристојниот и некултивираниот звук на мобилен  не го наруши воодушевувачкиот момент особено кога уметникот заедно со симфоничарите на бис  ја изведоа наполитанската песна на Ернесто де Куртис „Ќе се вратам во Соренто“, што воедно укажува на потребата за инсталирање на блокатори во концертната сала.

Програмскиот наслов на концертот „Руска игра“ најмногу се однесуваше на изведбата на балетстската музика „Петрушка“, еден од најпопуларните опуси на прочуениот руски композитор и диригент Игор Стравински. Создадена пред повеќе од сто години за познатата балетска трупа „Руски балет“ на Сергеј Дјагилјев(оперски режисер и кореограф) чија инспирација влече корени од  сеќавањата за дрвената кукла на руските селски саеми, „Петрушка“ е сложено дело  за голем оркестарски апарат со експресионистички хармонски јазик , обоена и базирана на руската народна митологија со необично богатство на мелодии, ритмови, имагинативни ноти, кои со тогашните нови и смели средства создава доживувања и расположенија подеднакво успешни и контрасни. Петрушка не само што претставува пресвртница во развојот на музиката, крај на импресионизмот и романтизмот и повторно враќање на„чистата“ објективна музика, но со нов израз,  таа истовремено му задава удар на таканаречениот „бел балет“ и го отвара и насочува вниманието  на авторите кон реалистични теми. Изведбата на ова комплексно и грандиозно дело под диригентската палка на Борјан Цанев се карктеризираше со солидно совладана партитура, со пристојно толкување и справување  со архитектонската структура и  драматуршкиот елемент на приказната. Прекрасната музика, со бројните солистички делници се вистински предизвик за секој член на оркестарот и тие многу умешно го презентираа. Цанев како етаблиран македонски диригент,  и овој пат пласира одмерена и воздржана но, за жал и малку очекувана и посакувана страствена и возбудлива креација. Не навлегувајќи во поединечни пропусти, што за воља на вистината се маргинализираат во општата слика, концертот во целина не исполни со задоволство пред се од прекрасните уметнички вибрации.

Татјана Грковска
Фото: Маја Аргакијева / Македонска филхармонија