ПОДИУМ НА МЛАДИ на ЗЛАТНА ЛИРА 2019 - Добитници на наградата на СМУМ на натпреватор „Охридски бисери“ во 2018


ЗЛАТНА ЛИРА 2019

 

Понеделник, 28 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот

 

ПОДИУМ НА МЛАДИ

Настапуваат добитниците на наградата на СМУМ на натпреварот „Охридски бисери“ во 2018


ДАНИ ЖОГОВСКА - пијано
КАМЕЛИЈА ДУКОВА - виолина
ЛИГА СКРИДЕ - пијано

 

За програмата

Во првиот дел на концертот со полурецитал ќе се претстави пијанистката Дани Жоговска, која ќе изведе дела од Лудвиг ван Бетовен, Сергеј Рахмањинов и Петар Илич Чајковски, додека во вториот дел ќе настапи виолинистката Камелија Дукова, која во пијано придружба на професорката Лига Скриде ќе изведе композиции од Јоханес Брамс, Жорж Енеску и Томислав Зографски. 
 

За изведувачите

Дани Жоговска (2002) музичкото образование го започнува на шест годишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј”. Основното музичко образование го завршува во класата на проф. Огненка Герасимовска - Димитровска, а моментално е ученичка во средното музичко училиште во класата на истата професорка. Учествувала на бројни концерти во Македонија, како и во Франција, Германија, Србија, Косово, Италија, Бугарија. Во 2018 година одржува рецитал во Скопје, Кавадарци и во Рим, Форли и Пезаро, Италија. Во 2019 година настапува како солист со Македонска филхармонија.


Добитничка е на повеќе први и специјални награди на државните и меѓународните натпревари  во Р.Македонија меѓу кои се издвојуваат прва награда на „Интерфест” во Битола, прва награда на меѓународен натпревар во Гевгелија, прва награда и добитник на награда за најдобро отсвирено македонско дело на меѓународен натпревар „Охридски бисери”, Специјална награда на меѓународниот натпрвеар „Полихимнија”, Специјална прва награда и севкупен победник на меѓународниот натпревар „Охрид, те сакам” и голем број награди на меѓународно ниво меѓу кои се издвојуваат награди на натпреварите „Петар Коњовиќ” и „Даворин Јенко” во Белград, „Vivapiano” во Софија,  „Nikolai Rubinstein” во Париз,  „Citta di San Dona di Piave” во Венеција, Лауреат и севкупен победник на натпреварот „Милош Петровиќ” во Јагодина, награди на EPTA Осиек, Хрватска, Тревизо, Италија, Усти над Лабем, Чешка, натпреварот „Исидор Бајиќ”, Нови Сад. Во 2019 година учествува на престижниот камп натпревар „Пианале“ во Фулда, Германија каде во финалето се здобива со награда од публиката и награда за најдобар студент.  

Камелија Дукова започнува со свирење виолина на осумгодишна возраст во Велес. Од 2012 до 2016 година е ученичка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј”, во класата на проф. Љубиша Кировски. Добитничка е на први и специјални државни на гради во соло категорија (2010, 2012, 2014). Освојува награди на меѓународни натпревари во Србија и Македонија. Добитничка е и на награди по камерна музика на натпреварите во Охрид, Кавадарци и Скопје. Во 2018 година ја освојува втората награда по виолина на натпреварот „Охридски бисери“ и наградата за најдобра изведба на дело од македонски автор, како и на наградата на СМУМ.   Во 2019 година освојува втора награда (прва награда не е доделена) во соло категорија на меѓународниот натпревар „Remember Enescu” во Синаја во Р. Романија и специјална награда од „SoNoRo Interferente”.


Во 2016 година, градот Велес и ја доделува наградата „9-ти ноември” за значаен придонес во развојот на музичката култура во општина Велес. Во текот на музичкото образование учествува на голем број концерти, манифестиации и фестивали, како „Охридско Лето”, „Скопско Лето”, „Виолин Фест”, „Hohenlohe Kultursommer Festival”, „Mozart Fest“. Камелија учествува на многу концерти остварени со различни европски младински оркестри: „Concertino“, „Wonderful Youth Orchestra“, „Sommer Akademie Schloss Hundisburg“, „Super Youth Orchestra“, „Солисти на ФМУ“, Музичка младина на Македонија, и настапува и  како солист со камерниот оркестар „Арко“. Во декември 2017 година, остварува шест концерти во Кина како член на оркестарот - Neue Philharmonie Hamburg.

Камелија свири на виолина изработена од македонскиот градител на виолини Светозар Богданоски од Велес. 

Проф. Лига Скриде потекнува од летонско семејство на наставници. На 10 годишна возраст ја освојува третата награда на меѓународниот натпревар „Concertino Praha“ во Прага. Потоа, го продолжува своето музичко образование во Специјалното музичко училиште во Рига. Учествува на повеќе интернационални натпревари и соло концерти со оркестар. Дипломира во класата на Проф. В. Јанцис во Рига и запишува докторски студии во Москва, во класа на проф. Л. Булатова во Институтот „Гнесин“. Покрај нејзиното повеќе од 30-годишно искуство како пијано - придружник за сите оркестарски инструменти, остварува солистички концерти заедно со своите три ќерки Линда, Баиба и Лаума, во Европа, Јапонија, Тајван. Од 1995 година, соработува со проф. Петру Мунтеану на Универзитетот за музика и театар Росток и од зимскиот семестар 2012/13 година во Леополд Моцарт центарот на Универзитетот во Аугсбург. Паралелно, од 2001 година работи како пијанистка и пијано - придружник на Универзитетот за уметности во Бремен. Проф. Лига Скриде е долгогодишен пијано - придружник на интернационалниот натпревар и мастер клас Kloster Schöntal (Baden-Württembberg), Haus Marteau (Lichtenberg-Bayern) и „Queen Elisabeth“ во Брисел.

 

Влезот на концертот е слободен.