ЗЛАТНА ЛИРА 2019: Концерт на Трио АУРА и доделување на наградата „Златна лира“

Со концертот на Триото Аура, вечерва (31 октомври) во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот свечено ќе биде затворено тринаесеттото издание на фестивалот „Златна лира“. На програмата на концертот се дела од Ш. Лефебр, Ј. Коетсиер, К. Димушевски и А. Пјацола. Пред концертот, Сојузот на музичките уметници ќе ја додели наградата „Златна лира“ која традиционално секоја година за успешна работа во годината претходно, како и за животно дело. Оваа година, „Златна лира“ ќе добијат баритонот Горан Начевски (за особени достигнувања во 2018 година) и контрабасистот Велко Тодевски за животно дело. 

Триото АУРА го сочинуваат тројца истакнати музички уметници: флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Темков, Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оценки. Критиката ги нарекува „мајстори на својот инструмент“, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивните музички изведувачи во Македонија.

Триото АУРА има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често  промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
 
Страшо Темков е еден од најуспешните македонски музички уметници од својата генерација. Талентот и желбата за уметничкото реализирање го водат на концертните подиуми – како солист со повеќе оркестри (Македонска филхармонија, Француско - американскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, Камерниот оркестар Софијски солисти, Хо Ши Мин оперскиот оркестар, Нишки симфонијски оркестар, Аморозо камерен оркестар, Лејдис камерен оркестар), солист со многубројни рецитални програми, член на реномираниот Македонски дувачки квинтет и други камерни состави. Страшо Темков настапува на музички фестивали во земјава и странство: „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Арт Аполониа”, „Салон на уметноста”- Софија Р.Бугарија, „НИМУС”, „ЛЕДАМУС” - Србија, „Еспресиво”- Цетиње, „Барски љетопис”- Бар, „Меѓународен фестивал за камерна музика” – Никшиќ – Црна Гора, како и во Хрватска, Италија, Германија, Франција, Англија, САД,  а се вбројува меѓу малкуте македонски уметници кои настапиле во престижната Карнеги Хол во Њујорк. Репертоарот на Страшо Темков ги опфаќа периодите од Барок до современата музика, а забележлив е неговиот стремеж за промовирање нови дела – како на светската литература за флејта, така и на домашното музичко творештво. Тој има издадено два компакт диска во соработка со пијанистката Марија Вршкова во продукција на МММ и Дирекцијата за култура и уметност. Страшо Темков е редовно покануван како  член на жири на реномирани  домашни и меѓународни натпревари. Во 2017 година е добитник на наградата „Златна лира“ за врвни достигнувања во текот на една година, а во 2018 година ја добива наградата „7-ми септември“ од страна на град Кавадарци за особени достигнувања во областа на уметноста.
 
Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје и се издвојува како една од најактивните и најуспешните солисти во својата земја. Соработувала со врвни пијанисти и педагози, како Моник Дешосе, Жан Клод Пентје, Милена Молова, Александар Штаркман, Жени Захариева итн. Таа е добитник на повеќе високи државни и меѓународни награди и реализирала бројни концертни настапи. По покана на угледни сали и институции Гацева концертирала во Њујорк, Париз, Виена, Салзбург, Минск, Киев, Дрезден, Софија, Букурешт, Амстердам, Димен, Елде, Љубљана, Загреб, Пиран, Пловдив, Белград, Порторож, Бар, Цетиње, Логатец итн. Ана Гацева е чест солист со Македонската филхармонија, Младинскиот интернационален камерен оркестар, Оркестарот за современа музика „Света Софија“, Рускиот академски камерен оркестар, Битолскиот камерен оркестар. Гостувала на реномираните меѓународни фестивали: Охридско лето, Museum de Buitenplaats, Минска пролет, Les concerts de Midi&Demi, Киевски музички фестивал, Meridian Festival Bucharest, Загребски летен фестивал, Пирански музички вечери, Фестивал Барски љетопис, Kamermuziek in De Hoop, „Еспресиво“ - Цетиње, Денови на македонска музика, Штипско лето, Макарски летен фестивал, Летен фестивал во Омиш, Љубљански композиторски форум, Хварски летни приредби итн. Реализирала бројни снимки за Македонска телевизија, како и снимки за Радио Скопје, Радио и телевизија Загреб, Радио Љубљана. По покана, одржала бројни семинари и била член на жирија на натпревари по пијано интерпретација во својата земја и надвор од неа. Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на  македонски композитори, кои таа активно ги промовира во земјата и надвор од неа. Во 2012 година ја добива високата награда „Георги Божиков“ за континуирана успешна презентација на македонското творештво, која ја доделува Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ.
 
Марјан Милошевски својата професионална музичка кариера ја започнува во камерниот оркестар за современа музика „Света Софија“, со кој настапува на „Охридско лето“ и „Денови на македонска музика“. Работи во оркестарот на Националната опера и балет во Скопје. Во 2000 година гостува во Операта во Тирана, Албанија. Додипломските и магистерски студии по фагот ги завршува на ФМУ во Скопје. Во текот на студиите учествувал на повеќе мастер класи, семинари и концерти во земјата и странство. Како член на оркестарот за нова музика „Сонемус“ настапил во бројни концертни сали на Балканот и низ Европа, меѓу кои и во Националниот театар во Винтертур во Швајцарија. Во 2004 година је основа музичката работилница Ад Либитум во чии што рамки работеа дрвен дувачки квартет и квартет фаготи. Како солист, Милошевски настапил со рецитални програми во Македонија и надвор од границите. Toj e активен член на камерните состави Трио Опера, Контемпора, Дувачки квинтет на МОБ, Трио Аура. Во моментов работи како прв фаготист во МОБ и како вонреден професор по фагот на ФМУ во Скопје. Милошевски во својот репертоар подеднаков фокус дава на изведбата на дела од старите мајстрои и на современите музички дела.

НАГРАДА ЗЛАТНА ЛИРА

Управниот Одбор на СМУМ во состав: проф. м-р Љубиша Кировски - претседател и членовите проф. м-р Тодор Светиев, проф. м-р Васил Атанасов, проф. м-р Зорица Каракутовска и проф. д-р Ана Гацева на ден 04.10.2019 одлучи највисокото признание кое го доделува Сојузот на музичките уметници на Македонија ЗЛАТНА ЛИРА за врвни достигнувања во 2018 година да биде доделена на баритонот и професор на ФМУ Горан Начевски, а наградата за животно дело на контрабасистот и долгогодишен професор на ФМУ Велко Тодевски. 

За баритонот Горан Начевски изминатата 2018та година беше особено значајна на уметнички план. Тој успешно настапи на повеќе значајни фестивали и оперски претстави во МОБ: Мајски оперски вечери, отворање со премиера на „Беми“ (улога Марчело), „Охридско лето“, настап на концерт на македонски композитори, дела од Ристо Аврамовски (пијано Јасна Аврамовска), „Златна Лира“ - рецитал во Музејот на град Скопје (пијано Татјана Огнаноска), „Есенски музички свечености“, Концерт на трио флејта, глас и пијано (со Страшо Темков и Елена Атанасовска) во Музејот на град Скопје, Вечер на композиторот Ристо Аврамовски во Мала сала на Македонската филхармонија (со Јасна Аврамовска), „Травијата“ на Верди во МОБ (улога на Гирмонт). 

Контрабасистот и долгогодишен професор на ФМУ Велко Тодевски е уметник, ентузијаст кој неуморно целиот свој живот го посвети на контрабасот, настапувајќи солистички и во различни камерни формации. Таа љубов и посветеност ја пренесуваше и долги години на своите студенти на ФМУ, а во подоцнежните години се истакна и како уметнички раководител - диригент на оркестарот СОЛИСТИ НА ФМУ, кој беше формиран по негова иницијатива.


Влезот е слободен за посетителите.