Свечено отворање на фестивалот ЗЛАТНА ЛИРА 2020: Концерт на пијано дуото Ангелова/Макариевски

Овој четврток (1 октомври) во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот со концертот на пијано дуото Ангелова/Макариевски свечено ќе биде отворено дванаесеттото издание на фестивалот на музичките уметници ЗЛАТНА ЛИРА 2020. На концертот ќе бидат изведени делата Три пиеси за музичката кутија од Костадин Делиниколов (аранжман за четирирачно пијано), Детски сцени оп.15 од Роберт Шуман (аранжман за четирирачно пијано) и Пиеси за четирирачно пијано оп.11 од Сергер Рахмањинов.

За дуото Ангелова/Макариевски

 



Весна Ангелова Христов завршува средно музичко училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Павлина Среброва. На 17-годишна возраст е примена на ФМУ каде дипломира пијано со највисока оценка во класата на проф. Борис Романов. Магистрира интерпетација на пијано на ФМУ под менторство на реномираната пијанистка и педагог Рита Кинка (Академија на уметности, Нови Сад). Во текот на нејзиното школување е добитничка на бројни меѓународни и државни награди и признанија, како и на стипендија за културен престој во Париз во 2008 година во рамките на програмата на фондацијата La Cité internationale des arts (Меѓународен град на уметностите). Учествувала на семинари и работилници кај признаени педагози во Чешка, Германија, Франција. Ангелова Христова настапувала како солист и камерен музичар во Македонија, Косово, Србија, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Турција, Чешка, САД, и реализирала настапи на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, како и на фестивали на меѓународната сцена меѓу кои и „Шопен фест“ ДАМ фестивал, Франкофонски фестивал, Fete de la musique Paris и други. Македонската публика повеќепати ја забележала како солист со Македонската филхармонија, а својот афинитет кон камерната музика го преточува во работата со состави пијано дуо и пијано трио. Како пијано соработник Ангелова редовно ги придружува младите музичари на бројни натпревари, семинари и на концертните подиуми. Во моментов Ангелова работи како наставник по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски - Луј“ во Скопје и како надворешен соработник на оркестарот на Филхармонијата и Факултетот за музичка уметност во Скопје.



Петар Макариевски е роден во Скопје. Во 2001 година дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001 до 2003 година посетува магистерски студии по пијано на Државната музичка академија во Софија, Бугарија, во класата на проф. Антон Диков. Во 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД, каде паралелно завршува уште еден циклус на магистерски студии по пијано во класата на проф. д-р. Серѓо Гало. Во текот на престојот во Атланта, Макариевски активно настапува со солистички концерти, камерна музика, и работи како хонорарен пијано соработник на истиот универзитет. Активен е во организација на концерти преку Француската алијанса и Гете институтот во Атланта. Како лауреат на натпреварот за инструментални концерти во Атланта настапува како солист со повеќе оркестри, со кои забележува успешни критики и понуди за соработка со повеќе диригенти.

Макариевски активно настапува и во Македонија. Во 2005 година заедно со пијанистката Весна Ангелова го формираат камерното пијано дуо Ангелова/Макариевски, а во 2006 година формира дуо со обоистката Татијана Петрушевска. Настапувал и како солист со Македонската филхармонија.

Макариевски работел како професор по пијано во ДМУ „Тодор Скаловски- Тетоец” во Тетово, хонорарен корепетитор во МОБ, официјален пијано соработник на Меѓународниот натпревар во Приштина, асистент по пијано на Државниот универзитет во Атланта во САД, професор по пијано и стручен пијано соработник во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј” во Скопје, наставник по пијано и солфеж во IPS - приватно американско основно училиште, во моментот работи и како корепетитор на Факултетот за драмски Уметности во Скопје.

Влезот на концертот е слободен.