Златна лира 2020: Концерт на Билјана Камчева - флејта, сопран и Ана Гацева - пијано

Во недела (4 октомври) во Музејот на македонската борба со почеток во 20 часот, на програмата на фестивалот „Златна лира“ е концертот на Билјана Камчева - флејта, сопран и Ана Гацева - пијано. На програмата се дела од Е. Боца, Бизе/Борн, Ф. Гаубер, К. Дебиси, Г. Форе, Ж. Бизе.

Флејтистката и сопранистка Билјана Камчева е мошне интересна уметничка појава кај нас. Дипломира (2015) и магистрира (2017) во класата по флејта на проф. Страшо Темков. Како една од најистакнатите студенти на својата генерација, Камчева е истакнат учесник на меѓународните и државните музички натпревари каде се стекнува со бројни награди и признанија. Паралелно со студиите по флејта, студира и на одделот за соло пеење во класата на проф. Марија Наумовска, каде дипломира во 2016 година. Во 2015 година ја добива стипендијата „Петар Стаматов“ која УКИМ ја доделува на најуспешните студенти. Една година подоцна дебитира на сцената на Националната опера и балет со улогата на Јенте во мјузиклот „Свирач на покривот“. Како концертен солист настапува со оркестарот на НОБ во 2014 и 2016 година. Во 2019 дебитира во барокната опера „Дидо и Енеј“ од Хенри Персел. На домашната концертна сцена редовно е присутна со настапи на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, како солист со Македонската филхармонија, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Симфонискиот оркестар на ФМУ - Скопје, оркестарот F.A.M.E., Ревискиот оркестар на МРТВ. Нејзината меѓународна кариера запишува настапи на сцените во Москва, Рим, Фиренца, Софија, Белград, Приштина и други градови.


Ана Гацева работи како редовен професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала пијано на ФМУ во класата на проф. Стела Слејанска, како најдобар студент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и магистрирала со признанието cum laude. На истиот факултет ја одбранила докторската дисертација по пијано интерпретација, под менторство на светски познатиот пијанист Сајмон Јанг од Тринити Колеџот од Лондон и проф. Д. Бужаровски од ФМУ Скопје. Светски познатата Sommer Akademie Mozarteum во Салзбург ја завршила во класата на проф. A. Delle Vigne. Во Париз специјализира клавир и камерна музика на Ecole Normale de Musique. Во текот на тригодишното усовршување во Париз, дипломира и магистрира камерна музика на Ecole Normale de Musique A.Cortot, стекнувајќи се со Diplome Superieur, како и со висока диплома за постдипломски студии - Diplome de Concertist. Лауреат е на неколку државни и меѓународни натпревари, од кои позначајни се втората награда на меѓународниот натпревар за пијанисти „Albert Roussel”, каде што освојува и единствена, специјална награда на жирито. Таа е лауреат и на меѓународниот натпревар „Земја и музика”.



Ана Гацева се вбројува меѓу најактивните солисти на концертните подиуми во својата земја. На покана на угледни концертни промотори и институции, концертирала во Франција, Германија, Австрија, Украина, САД, Холандија, Словенија, Бугарија, Швајцарија, Белорусија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Србија. Таа е чест солист со Македонската филхармонија, Младинскиот интернационален камерен оркестар, оркестарот за современа музика „Св. Софија“, Рускиот академски камерен оркестар, Битолскиот камерен оркестар. Гостувала на бројни реномирани фестивали како „Охридско лето“, „Минска пролет“, L'art pour laar, Meridian Festival Bucharest, Киевски музички фестивал, Денови на македонска музика, Загребски летен фестивал, Љубљански композиторски форум и многу други.
Репертоарот на Гацева вклучува дела на автори од сите музички епохи, како и дела на македонски композитори, кои таа активно ги промовира и надвор од својата земја. Автор е на книгата „Пијанистички техники во концерти на композитори-изведувачи од светската музичка сцена“, издадена во 2008 година. Добитник е на наградата „Георги Божиков“ која ја доделува СОКОМ за 2012 година.


Влезот на концертот е слободен. 

Автор на заедничката фотографија: Зденко Петровски / архива на СОКОМ