ЗЛАТНА ЛИРА 2020: Концерт на СКОПСКИ ДУВАЧКИ КВИНТЕТ

На програмата на третата фестивалска вечер на ЗЛАТНА ЛИРА 2020, во сабота (3 октомври) концерт ќе одржи Скопскиот дувачки квинтет. На концертот ќе бидат изведени делата Дивертименто од Ј. Хајдн, Стари унгарски танци од Ф. Фаркаш, Суита од „Порги и Бес“ од Џ. Гершвин, Три песни (Three Shanties) од М. Арнолд, а премиерна изведба ќе доживее квинтетот Кога бев дете (мозаик од слики) од композиторот М. Јанковски. Скопскиот дувачки квинтет ќе настапи во состав: Марија Јакимовска (флејта), Васил Атанасов (обоа), Ристо Ѓоревски (кларинет), Орце Ицковски (фагот), Александар Гошев (хорна). 

За ансамблот

Скопскиот дувачки квинтет постои четири децении, како еден од првите камерни состави во нашата земја и претставува дел од една традиција на камерна дружба, меѓу плеада македонски уметници од дувачката фела. Овој камерен состав во текот на своето постоење има изведено дела од светската ризница како и дела од македонски автори, некои и специјално напишани за овој ансамбл. Во него доаѓаа и заминуваа големи мајстори на своите инструменти, секогаш со желба и пораки Скопскиот дувачки  квинтет да опстане и продолжи.
 
Ансамблот има реализирано голем број настапи во земјава и пошироко, како и бројни тонски и ТВ записи. За своите успеси многупати е наградуван со врвни награди како наградата „13 ноември“ на Град Скопје, Награда за успешност од страна на Културно-просветната заедница на град Скопје, највисокото државна признание, наградата „11 октомври“ и други. Скопскиот дувачки квинтет гостувал на познати манифестации и фестивали во земјата: Охридско лето, Денови на Македонска музика, Скопско лето и гостувања во Словенија, Хрватска, Босна, Бугарија, Австрија, САД, Русија, Израел, Србија, Црна Гора, Косово и други земји.

Од 2002 година Скопскиот дувачки квинтет ја продолжува својата уметничка дејност под уметничко водство на обоистот и професор Васил Атанасов, со голем ентузијазам, исполнителска енергија и врвен уметнички професионализам. Така, по концертот во Виена, Австрија во 2015 година тамошната музичка критика ќе напише:

„Со грижливо избрана програма, јасно нагласена музикалност и истенчен вкус за обликување и дозирање на колективниот звук во ваjање на мелодиските линии и комплименти за бравурозна изведба, воодушеви Скопскиот дувачки квинтет. Oвој камерен состав има остварено голем број записи од светската ризница, како и дела од македонски автори специјално напишани за нив.“

Минатата, 2019 година Скопски дувачки квинтет имаше извонреден настап на „Охридско лето“ каде му припадна честа да ја затвори музичката програма на фестивалот, изведувајќи дела од македонски автори. Во својата долгогодишна дејност, Скопскиот дувачки квинтет реализира голем број ТВ и радио записи и издаде плоча и два компакт диска. На составот и неговите членови им се посветени голем дела изведени во земјата и странство. Сегашниот состав на квинтетот го сочинуваат истакнати уметници - членови на Камерниот оркестар „Скопски солисти“, Филхармонијата и Националната опера и балет.


Влезот на концертот е слободен.