Свечено отворање на фестивалот ЗЛАТНА ЛИРА 2021 и концерт „Руска бајка“ - вечер со руски романси

Фестивалот на камерна музика „ЗЛАТНА ЛИРА“ што Сојузот на музичките уметници на Македонија СМУМ традиционално секоја година го организира во месец октомври, свечено ќе биде отворен во сабота, 16 октомври во Музејот на македонската борба со концертот насловен „Руска бајка“ - вечер на руски романси. Низ музичкото патување со некои од бисерите од руската вокална литература ќе нè однесат сопранот Билјана Камчева во придружба на пијанистката Елена Сиљаноска. На програмата на концертот се дела од композиторите Шереметјев, Тарновска, Харито, Козин, Абаза, Аљбјев, Дељмаз, Шабордина, Бабаџњан.

ЗА УМЕТНИЦИТЕ:

Флејтистката и сопранистка Билјана Камчева е исклучително интересна уметничка појава на македонската музичка сцена. Дипломира (2015) и магистрира (2017) во класата по флејта на проф. Страшо Темков. Како една од најистакнатите студенти на својата генерација, Камчева е истакнат учесник на меѓународните и државните музички натпревари каде се стекнува со бројни награди и признанија. Паралелно со студиите по флејта, студира и на одделот за соло пеење во класата на проф. Марија Наумовска, каде дипломира во 2016 година. Во 2015 година ја добива стипендијата „Петар Стаматов“ која УКИМ ја доделува на најуспешните студенти. Една година подоцна дебитира на сцената на Националната опера и балет со улогата на Јенте во мјузиклот „Свирач на покривот“. Како концертен солист настапува со оркестарот на НОБ во 2014 и 2016 година. Во 2019 дебитира во барокната опера „Дидо и Енеј“ од Хенри Персел. На домашната концертна сцена редовно е присутна со настапи на фестивалите „Денови на македонска музика“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“, како солист со Македонската филхармонија, камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“, Симфонискиот оркестар на ФМУ - Скопје, оркестарот F.A.M.E., Ревискиот оркестар на МРТВ. Нејзината меѓународна кариера запишува настапи на сцените во Москва, Рим, Фиренца, Софија, Белград, Приштина и други градови.


Во 2020 година, Камчева настапи со оркестарот на Симфониета Враца од Бугарија под диригентската палка на Маестра Николета Конти (Болоња, Италија). Во 2020 година ја доби Првата награда на Меѓународниот натпревар во организација на Уметничкиот центар „Владимир Кудрја“ од Москва, во категоријата соло пеење. Билјана работи како хорист во Националната опера и балет, таа е прва флејта на Дувачкиот оркестар на Град Скопје, а членка е и на хорот при Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ од Скопје.

Родена во Русија, Елена Сиљаноска своето средно музичко образование по пијано го завршува во Средното музичко училиште „Михаил Глинка“ во Днепропетровск, Украина. Дипломира на Музичкиот факултет при Педагошкиот универзитет во Киев. Магистратура по корепетиција завршува на ФМУ во Скопје, класа на проф. Јасминка Чакар. Од 1988 до 1991 година концертира со Киевскиот камерен хор како солист-вокалист и корепетитор. Работи како професор по пијано во Украина и Македонија. Елена е постојана членка на триото „Маестозо“, како и на Камерното студио „Бахус“ со кое настапува на бројни фестивали во Македонија и надвор од нејзините граници (Србија, Украина, Косово, САД), изведувајќи репертоар на барокна музика.


Од 2013 година Елена е организаторка на натпреварот и концертите на руските романси „Романсијада“ во Македонија и надвор од неа (Бугарија и Русија). Покрај корепетиторската, таа е посветена и на музичко-театарската дејност, реализирајќи ги перформансите „Танцот на снегулката“ во 2009 година и „Писмо до жената“ во 2012 година, во улога на автор на музиката и изведувач. Активно се занимава и со превод на македонска поезија и проза на руски јазик. Основач и раководител е на рускиот фолклорен ансамбл и здружението „Чајка“. Добитничка е на државната наградата на Руската Федарација од областа на културата - Медаља на Пушкин во 2019 година. Ангажирана е и како хонорарен соработник на Музичката академија во Штип во класата на проф. Борис Трајанов, а од 2000 година работи како корепетитор во Националната опера и балет. Настапувала на сите позначајни музички фестивали во земјата, а бележи и успешни настапи во САД и Русија.

 

Организацијата на концертите во рамките на „Златна лира“ е согласно со најновите протоколи за заштита и превенција на COVID-19 на Владата на Р. С. Македонија за учество и присуство на настани од областа на културата.