ЗЛАТНА ЛИРА 2021: Подум на млади - Концерт на АНЏЕЛА ЈОСИФОСКИ (виолина) и СМИЉА ЈОСИФОСКИ (пијано)

Фестивалот „Златна лира“ традиционално секоја година својот концертен подиум го отстапува на младите музички надежи кои со својот талент, младешки елан и посветеност кон изучувањето и изведбата на музичката уметност придонесуваат кон неопходниот развој и растеж на музичката сцена кај нас. Оваа сабота (23 октомври) концертниот подиум на „Златна лира“ ќе ја пречека младата српска виолинстка и виолистка Анџела Јосифоски, која во придружба на пијанистка Смиља Јосифоски ќе изведе грижливо одбран репертоар на дела за виолина и пијано. Публиката ќе има можност да ужива во композициите на Моцарт, Виењавски, Иполитов, Прокофјев, Тсинтсадзе и Ѓаконовски. Концертот е со почеток во 20 часот во Музејот на македонската борба.



Анџела Јосифоски (Белград, 2006) започнува да учи виолина на седумгодишна возраст. Во моментов е трета година гимназија во класата на проф. Ана Богиќ. Покрај виолината, пред две години започнува со изучувањето виола во класата на проф. Александра Кијановиќ. Посетувала семинари кај истакнати музички педагози и професори по виолина. Добитничка е на бројни први награди и признанија на државни и меѓународни натпревари и фестивал („Примавера“, „Петар Коњовиќ“, „Рудолф Мац“, „Антонио Салиери“, „Меѓународни средби на виолинисти“, „Ватрослав Лисински“ и многу други). Во 2016 година на натпреварот за гудачи „Исидор Бајиќ“ беше прогласена за севкупен победник на натпреварот. Својот прв солисти настап го остварува уште во 2015 година со Камерниот оркестар „Синфониета“, под диригентство на диригентот и композитор проф. Александар Вујиќ, кој што непосредно после тој настап на Анџела има посветено и новокомпонирано дело. Учествувала на бројни музички манифестации, фестивали и смотри како „Денови на европското наследство“ во Земун, „Пролетен фестивал“ во Белград, „Фестивал Тисин“ во Нови Кнежевци, фестивалот на детски игри „Змеј“. Настапила и на концертот „Шопен како инспирација“ во рамките на Шопен фест и на концертот „Во спомен на композиторот Александар Вујиќ. Во нејзиното портофило досега е забележана импресивна бројка на повеќе од 200 настапи, како солистички рецитали, така и настапи како солист оркестри и ансамбли, меѓу кои се забележани и нејзините неколку настапи со Детската филхармонија во Сава центарот и Кобанк арената во Белград, под диригентство на проф. Љубиша Јовановиќ. Оваа година, Анџела беше дел од мастер класот при престижната академија „Мењухин“ во Швајцарија, за што и беше доделена целосна стипендија.  




 
Концертите во рамки на фестивалот „Златна лира“ се одвиваат според важечките ковид протоколи за организирање настани во затворен простор што подразбира органичен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез и задолжително носење маска.