Златна лира 2021: Концерт на пијано дуо Даница Стојанова и Бобан Мирковски

Препоследната вечер на „Златна лира“ ќе ни донесе уште едно исклучително камерно доживување. Своевиден куриозитет на годинашнато издание на фестивалот се клавирските дуа составени од професори и нивните студенти. По концертот на дуото Костова/Базгалоска, во петок, 29 октомври, во Музејот на македонската борба во стандардниот термин, 20 часот, концерт овој пат ќе одржи дуото во состав Даница Стојанова и нејзиниот порашанен ученик, пијанистот Бобан Мирковски. На програмата се дела од Моцарт, Бетовен, фон Вебер, Шуберт и Гаврилин.

Даница Стојанова е реномирана македонска пијанистка со долгогодишна кариера на домашната и на меѓународната сцена. Во текот на своето школување соработува и престојува на интернационални и светски академии за музика на кои работи со врвни пијанистички имиња, како што се: Снежана Пановска, Јокут Михаиловиќ, Жени Захариева, Жак Рувие, Акилес Дела Вињ, Људмила Рошчина,  Татјана Гајдамович, Сашико Кодама, Хериберт Кох и др. што придонесува кон тоа таа денес да биде еден од најреномираните професори по пијано и камерна музика во нашата земја.  Вработена е во Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“ и со своите ученици постигнува високи резултати на натпреварите што се организираат во државава и во странство. Покрај ова, Даница Стојанова е позната и како голем поддржувач на македонските млади уметници, помагајќи им со стручно водство, организирање на нивни концерти, како давање препораки за учество на пијано мастер-класи на домашни и на меѓународни натпревари. На престижни меѓународни натпревари по пијано и камерна музика, проф. Даница Стојанова се јавува како член на жири-комисии. Од нејзината педагошка дејност се издвојуваат мастер-класите за пијано што ги држи во Македонија, во Малезија и на Косово, како и стручните предавања одржани на повеќе меѓународни фестивали, како што се: „Шопен-фестивалот“ во Белград, фестивалот ЕПТА во Скопје, „Шопен-фестивалот“ во Куала Лумпур, Интернационалната балканска конференција во Скопје и др. Проф. Даница Стојанова има настапувано како солист со Македонската филхармонија и со Видинската филхармонија од Бугарија. Покрај во нашата земја, таа како солист настапувала и во следниве поблиски и подалечни странски држави: Бугарија, Украина, Турција, Малезија, Германија, Холандија, Франција, Италија, Косово, Србија, Италија, САД, Чешка. 

За нејзината работа таа е добитник на наградите „Најдобар уметнички пијано-соработник“ на 22. меѓународен натпревар „Музиката и луѓето“ одржан во Софија, 2004 г.; Награда за едногодишна успешна работа во областа на музичката педагогија доделена од музичките и балетските педагози на Македонија (2007 г.); Награда за одлични педгошки достигнување во 2009 г. во Бугарија; Награда за повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија во Македонија  (2011 г.);  Награда за едногодишна успешна работа од областа на уметноста „Петнаесетте Свети Тивериополски Маченици“ што ја доделува Општина Струмица (2016 г.).



Членка е на СМУМ (Сојуз на уметници на Македонија). Од 2016 година таа е почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“. Во 2019 година по повод 85 години од раѓањето на композиторот, проф. Томислав Зографски, доби специјално признание од Фондацијата „Томислав Зографски“ за посветеноста на музиката и уметноста на многубројните концерти низ светот и за промоција на творештвото како на Томислав Зографски така и на македонското музичко творештво како дел од македонското културно наследство. Во 2020 година ја доби наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ за најуспешна изведба на дела од македонски композитори во текот на 2019 г. Даница Стојанова е член на меѓународната пијано дуо-асоцијација во Токио, Јапонија. Од 2020 година таа е назначена за музички селектор на меѓународниот фестивал со повеќедецениска традиција, „Охридско лето“.
 
Даница Стојанова е автор и на книгата „Фредерик Шопен – поет на пијаното“. 

Бобан Мирковски (1991)  oсновното и средното образование го заврши во МБУЦ “Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултет за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески. Во 2015 год. ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија).

Мирковски има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено голем број домашни и меѓународни натпревари. Како поважни настапи се издвојуваат сите поголеми концерти на МБУЦ “Илија Николовски – Луј“ и на ФМУ Скопје; концерт во Босковице, Чешка Р. (2007 год.); концерт во Сан Даниеле, Р. Италија (2007 год.); настапува како дел од неколку концерти на Симон Трпчески; концертот во Вашингтон, САД (2011 год.) по повод 20 годишнината од независноста на Р. Македонија; остварува голем број солистички концерти низ Р. Македонија; два настапи како солист со Македонска Филхармонија (2011 и 2012 год.); солистички концерт во театарот “Мануел“ во Валета, Малта (2017); солистички концерт на „Скопско Лето“ (2020), солист на концерт “Атараксија“ на „Охридско Лето“ (2020) итн.


Дел од наградите кои ги има освоено се: 2 први места и 1 Лауреат на Арс Косова, Приштина (2006, 2007 и 2008 год.); 1-ва награда на меѓународен натпревар “Даворин Јенко“ во Белград, Р. Србија; 3-та награда како и награда за највиртуозен учесник на меѓународниот натпревар “Музиката и земјата“ во Софија, Р. Бугарија, Лауреат на меѓународен натпревар “Македониум М“ во Скопје (2007 год.) итн. Исто така, пијанистот Мирковски е добитник на престижната награда на фодацијата “Климентина Рафајловска“ за најдобар музичар матурант.

Во своето образование има посетувано и неколку меѓународни семинари кај еминентни професори од републиката и од странство како што се: проф. Ж. Захариева (Р. Бугарија), Ј. Михајловиќ (Р. Србија), Ф. Турисини (Р. Италија), А. Леимони (Р. Грција), Т. Каишиге (Р. Јапонија), Б. Романов (Р. Македонија) итн. Моментално работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ Скопје каде остварува успеси со своите ученици.  


 
Концертите во рамки на фестивалот „Златна лира“ се одвиваат според важечките ковид протоколи за организирање настани во затворен простор што подразбира органичен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез и задолжително носење маска.