Сабота, 30 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот
СВЕЧЕНО ЗАТВОРАЊЕ НА
„ЗЛАТНА ЛИРА“ 2021
Доделување на наградите на СМУМ
Концерт на
Владимир Костов - виолина
Марија Вршкова - пијано
Годинашното издание на фестивалот на музичките уметници „Златна лира“ свечено ќе биде затворено во сабота, 30 октомври со концертот на виолинистот Владимир Костов и пијанистката Марија Вршкова. На програмата се дела од Ј. С. Бах, А. Комитас, а вториот дел на вечерта ќе помине во знакот на македонското музичко творештво каде публиката ќе има можност во интерпретација на Костов и Вршкова да слушне дела од Благоја Ивановски, Сони Петровски и Никола Коџабашија. Традиционално оваа вечер, Сојузот на музичките уметници на Македонија ќе ги додела и наградите „Златна лира“: награда за значајни достигнувања во изминатата година и наградата за животно дело. Наградата за најзначајни достигнувања на полето на музичката уметност во 2020 година ја добива саксофонистот Нинослав Димов, а наградата за животно дело оваа вечер ќе и биде доделена на пијанистката и професор Евушка Трпкова Елезовиќ.
ЗА ДОБИТНИЦИТЕ НА НАГРАДАТА „ЗЛАТНА ЛИРА“
Нинослав Димов дипломира во класата на проф. Стојан Димов на Факултетот за музичка уметност во Скопје 2004 год., а магистрира 2006 год. По дилпомирањето во Скопје, продолжува со своите студии во Берлин, Германија на Универзитетот за уметност, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин 2006 год. успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација „Konzertexamen" се до 2009 год. Добитник е на повеќе награди на републички и интернационални натпревари, и редовен учесник на престижни семинари по саксофон во Словенија, Хрватска, Франција, Германија...
Нинослав покрај многубројните рецитали, бележи и повеќе солистички настапи со Македонската Филхармонија, Косовската Филхармонија, „Lietzeorchester“ - Берлин, Германија. Уште од почетокот на неговите студии тој е водач на Саксофон Квартетот „Димов“ со кој што настапувал во Дубровник, Сараево, Белград, фестивалите „Скопско Лето“, „Охридско Лето“, итн. Во 2006 год. свири неколку концерти со Berliner Saxophon Quartett, светски реномиран ансамбл од овој вид. Од 2007 год. тој е член и ко-основач на Bensmann Saxophon Quartett, со кој што бележи повеќе настапи во Европа, САД и Кина. Од 2017, по долгогодишно лично ангажирање и како идеен творец, го организира веќе традиционалниот Меѓународен фестивал за кларинет и саксофон „SaxClar“ во Скопје, каде има улога на уметнички директор.
Во моментов Нинослав Димов е редовен професор по саксофон на ФМУ- Скопје, член на Биг Бенд оркестарот при МРТ, ЗЏМ Биг Бенд, и саксофонист по потреба на Македонската Филхармонија.
Евушка Трпкова - Елезовиќ е припадничка на првата генерација пијанисти дипломирани на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Дипломирала во 1972 година, а магистрирала во 1978 година под менторство на истакнатиот пијанист и професор Владимир Крпан. На концертната сцена дебитира во 1975 година со настапот во рамките на „Подиумот на млади уметници“ на фестивалот „Охридско лето“. За овој настап на Елезовиќ, музичкиот критичар Сотир Голабовски ќе забележи: „Низ нејзиното свирење заследивме темелно поставена техника, голем респект кон исполнуваните дела, чувство за извлекување на хоризонталните и вертикалните метро-ритмички структури...“
Следуваат бројни солистички рецитали и концерти на Елезовиќ, а нејзините интерпретации ќе останат забележани од музичката критика по својата вдаховеност, префинет сензибилитет, искреност, топлина, но и виртуозност. Таа во својата кариера настапила на значајни фестивал и концертни подиуми како фестивалите: „Охридско лето“, „Интерфест“ во Битола, „Денови на македонска музика“, „Дани музике“ во Будва, „Трибина музичког стваралаштва“ во Белград, солистички рецитали во салата „Лисински“ во Загрев, во Салонот 19,19, Музејот на град Скопје Даут Пашин Амам во Скопје, во салата „Балдини“ во Рим и други.
Значаен дел од биографијата на Евушка Елезовиќ се настапите со Македонската филхармонија (1977, 1978, 1982, 1983). Во 1983 година настапува како солист со Државната филхармонија на Узбекистан од Ташкен, изведувајќи го Концертот за пијано и оркестар од Властимир Николовски во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“. Како музички соработник – корепетитор настапувала со реномирани музички уметници меѓу кои со виолинистите Ратка Димитров, Антон Беровски, Румен Димитриев, трубачот Благоја Ангеловски, флејтистката Билјана Урумова, оперските уметници Милка Ефтимова, Павлина Новакова и Цветан Стојановски. Репертоарот на Евушка Елезовиќ опфаќа дела од барокот до современата музика, при тоа значаен дел во нејзиниот репертоар е македонското музичко творештво.
Била член на многу државни и меѓународни жири комисии на натпреварите по музика, член на Претседателството на музичките педагози на Македонија, член на Претседателството на Европската асоцијација на педагози по пијано EPTA, шеф на Сенатот на УКИМ и Декан на ФМУ во Скопје.
ЗА ИЗВЕДУВАЧИТЕ
Владимир Костов е роден во Битола, каде го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот профеоср, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и др. Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите „Медичи“ Квартет (Шведска), „Артемис“ Квартет (Германија) и Квартетот „Миро“ (САД).
Владимир Костов повеќе пати по пат на аудиција е избиран да членува во реномираниот Светски оркестар на музичката младина со кого реализирал турнеи во Европа, Америка и Азија, соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Џејмс Енес, Даниел Милер Шот). Со овој оркестар има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот Националниот арт центар во Отава, Линколн Центар, Универзитетот во Харвард, Берлинска Филхармонија, Гевандхаус во Лајпциг, Келнска Филхармонија, Концертхаус Берлин , Концертхаус Виена, Шпанија, Полска, Кина итн. Настапува и со оркестарот Исток-запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа“, камерното студио за барокна музика „Бахус“, квартетот „Бревис“, основач е на клавирското трио „ВАМ“ редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика , Кон Темпора. Настапува како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија меѓу кои ,, Денови на македонска музика ‘’, ,, Есенски музички свечености’’ , ,, Охридско лето ‘’ , ,, Скопско лето’’ , ,, Битолско културно лето’’ , како и Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија , Хрватска, Полска, САД...Член е и концерт мајстор на меѓународниот оркестар ,,Nо Borders’’ каде во концертната турнеја 2021 настапува и како сoлист.
За Марија Вршкова музичката критика ќе каже дека е уметница која со својата експресивност ѝ даде печат на македонската пијанистишка школа на почетокот на 21. век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет, со CUM LAUDE (класа на проф. Тодор Светиев), каде ги завршува и магистерските студии. Во текот на студиите е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а како најзначајна меѓународна наградата се истакнува Третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Вршкова учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.
Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори. Реализирала неколку камерни ЦД-а со истакнати македонски уметници (Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков), а во 2010 го издава своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Бугарија, Србија, Полска, Грција и Австрија, на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Хераклејски вечери“ и други. Како врв на уметничката дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар Охридски бисери, 2009-та година, како и трите награди Виртуози, за музички изведувач, 2013-та година, Камерен состав 2015-та година и Камерен состав 2016-та година. Марија Вршкова во моментот работи како вонреден професор при ФМУ Скопје.
Фотографија на насловната (Владимир Костов и Марија Вршкова): Days of Macedonian Music Festival (facebook)
Концертите во рамки на фестивалот „Златна лира“ се одвиваат според важечките ковид протоколи за организирање настани во затворен простор што подразбира органичен број посетители, покажување на неопходните сертификати за влез и задолжително носење маска.