Скопски дувачки квинтет - традиција во камерното музицирање

Скопскиот дувачки квинтет се вбројува меѓу оние македонски камерни ансамбли кои покрај четиридецениското делување, во својата биографија има широк концертен репертоар, настапи во многу земји на повеќе континенти и секако релевантни награди и признанија. Ансамблот беше и останува место каде членуваат бројни истакнати музичари, врвни мајстори на својот инструмент и каде се негува умешноста на камерното музицирање. За вљубениците во овој вид уметност, концерт на одлично уигран состав каков што е Скопскиот дувачки квинтет претставува посебен музички настан. Богатството од карактеристични звучни бои на флејтата, кларинетот, обоата, хорната и фаготот веќе при првиот зеднички акорд го исполнува просторот со посебна енергија.

По низата успешни концерти во неколку европски држави како и на домашните сцени во изминативе години, скопската публика вчеравечер на сцената на Музејот на револуционерна борба, а во рамките на Фестивалот „Златна лира“ - 2020 проследи уште една квалитетна коцертна изведба на овој наш реномиран ансамбл. Веднаш ќе забележиме, понекогаш приликите кои а приори ги сметаме за ограничување, како во случајов временската рамка од педесетина минути - до еден час во која уметниците треба да го заокружат настапот (заради актуелните протоколи во услови на пандемија), може да премине во полза и за нив и за публиката. Добиваме молскавичен концерт, отсвирен во еден здив, кој не ја остава рамнодушна публиката, покрај другото и заради динамиката, поточно брзината во изведбата на делата. Секако, тоа не е ни малку лесна задача за музичарите, посебно кога се работи за дувачки инструменти како во случајов. За креирање ваков „брз“ концерт, дувачкиот квинтет, грижливо одбра програмски концепт со историско – стилски диверзитет, сочинет од пет композиции, дел од стандардниот репертоар за дрвен дувачки квинтет. Покрај временската и просторна дистинкција забележавме и една заедничка нишка. Блесокот на „хумореска“, провеја во сите дела на концертот, сосем небитно дали уметниците при креирањето на програмата биле свесни за тоа или не. Тој скерцозен манир, се разбира кај секој автор во автетничен стил, ги поврза пиесите како заеднички именител... куси орнаментирани фрази со полетни мелодии и разигран ритам во познатото „Дивертименто“ во Бе-дур на Хајдн, уникатните ренесансни унгарски игри на Фаркаш, шармантна блуз-полифонија во помалку раскалашните „Порги и Бес“ на Гершвин, како контрапункт, богатиот колаж од македонски народни мотиви вткаени во сложениот дванаесетосмински такт на Марјан Јанковски, сé до отворено шеговитите и саркастични обработки во старинските „Shanties“ на шкотските и ирските потпивнати морнари на Арнолд... Таа доза на хумор и веселост отворено присутна во сите отсвирени композиции навидум лежерна, всушност ги држеше музичарите во непрекината „акција“ од почеток до крај и ни овозможи да го доживееме концертот како една заокружена целина, во еден здив. При тоа, задржувајќи ги стилските специфики на одбраните автори. Во класичното „Дивертименто“ квинтетот покажа неопходна компактност на формата, ритамот и заедничко дишење при што ансамблот звучеше како еден организам. Враќајќи се еден чекор назад во времето, во динамичните и брзи танци од современиот унгарски композитор Ференц Фаркаш, уметниците донесоа усогласена изведба на јасни дијалози меѓу инструментите во живо темпо. Убав контраст наспроти ренесансните унгарски танци беа трите нумери од свитата „Порги и Бес“. Познатите спиритуали со неизоставниот „Summer time“, прозвучеа прикладно во топлата октомвриска вечер. А се чини посебно солистите се почувствуваа „на свој терен“ во праизведбата на композицијата „Кога бев дете“ посветена на квинтетот, од македонскиот композитор и добар познавач на македонскиот фолклорен инструментариум, Марјан Јанковски. Скопскиот дувачки квинтет е во редот ансамбли кој инсистира на презентирање дела од македонски автори на концертните настапи. Како назнаката кон насловот, композицијата претставува „мозаик“ од типично македонска мелодика и ритмика на тонална основа со технички комплексна фактура во инструменталните делници. Тоа беше доволен предизвик за квинтетот, ова инвентивно дело (во кое е очигледна интенцијата кон транспонирање оркестар народни инструменти во дувачки квинтет!) - да го отсвират со видливо задоволство. Во темпо „con brio“ во кое се движеше целиот концерт, за крај ги слушнавме трите „Shanties“ на англискиот оскаровец Малколм Арнолд. Таа енергична „Хумореска“, каде со вртоглава брзина се менуваат карикатурални прикази на старите британски напеви, „искривени“ танга и валцери, динамички акценти во стакато, како директна програмска алузија на пијаните морнари од минатото, - изискува спретност и вештина во зедничкиот настап со кои составот несомнено располага.

Уметниците од Скопскиот дувачки квинтет на последниот концерт на „Златна лира“ – 2020 покажаа одлична умешност во водењето на сопствените делници при тоа истакнувајќи го сопствениот музикалитет. Во исто време, по долгодишно заедничко музицирање, тие имаат изграден сенс во креирањето на целовитата зучната слика на ансамблот. Нивниот синхронизиран настап го потврдува високото ниво интерпретативна кондиција.

На концертот на Скопскиот дувачки квинтет настапија уметниците: Марија Јаќимовска на флејта, Ристо Ѓоревски на кларинет, Орце Ицковски на фагот, Александар Гошев на хорна, а под уметничко раководство на реномираниот македонски обоист Васил Атанасов.

Викица Костоска Пенева
Фото: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Зографски“