Заокружена приказна

кон концертот за флејта, пијано и глас со уметниците Билјана Камчева и Ана Гацева


Со најавата на четвртиот концерт на годинешнава „Златна лира“ – 2020 како вечер на француска музика, очекувањата беа дека ќе проследиме уште една занимлива фестивалска креација. Тематските вечери се убава прилика уметниците да покажат афинитет кон одреден жанр, музички стил или автор со што ја внесуваат публиката во определен уметнички свет, но и да го задоволат својот естетски вкус. Концертот на Билјана Камчева и Ана Гацева, по многу нешта е интересен музички настан. Двете уметници, мошне активни на сцените кај нас и во странство, по низата успешни настапи, на фестивалот „Златна лира“ се претставија со свеж избор познати дела од француската музичка литература.

Веднаш ги забележавме Гобер, Форе и Дебиси. Во атмосфера на имагинативниот импресионизам уметниците се претставија како дуо флејта – пијано во делата „Ноктурно и Алегро Скерцандо“ од композиторот и флејтист Филип Гобер и познатата „Фантазија“ од Габриел Форе (двете композиции се дел од неодминливиот стандарден репертоар за флејта). Софистицираниот тон, флуидните фрази и „жуборливи“ динамични пасажи, набрзо нé внесоа во еден од најинтимните и сликовити жанрови во музиката. Кон збогатување на тој стилски пејсаж, придонесоа изведбите за соло флејта и соло пијано. Вонвременската „Сиринкс“ и трите Прелудиуми  „Девојката со ленена коса“, „Ридовите на Анакапри“ и „Огномет“ се од оние пиеси кои недвојбено „бараат“ и знаење и искуство. Овие ремек-дела на Дебиси не се свират случајно. Од друга страна пак, тие му оставаат широк простор на исполнителот за манифестација на индивидуалноста. Билјана Камчева како млад уметник, ја толкува „Сиринкс“ со делумна воздржаност, во извесни „затворени академски рамки“ пред сé во однос на слободата при креирањето на толку неопределеното рубато на Дебиси, па така остава впечаток дека делото може да „порасне“ уште повеќе во некои идни изведби. Сепак, искусен уметник со респекабилно знаење стекнато во извориштето на францускиот импресионизам, во таа смисла е во предност. Ана Гацева трите Прелудиуми ги свири со ненаметлива, но евидентна супериорност, особено во поглед на длабоко осмислената интерпретација. Креативниот ракопис на Дебиси обилува со, за неговото време, невообичаени артикулациски и звучни иновации кои пијанистката многу умешно ги долови со помош на педалот и мекиот „заоблен“ тон .

Во продолжение, извесно отколнување, но сепак доволно блиско до магловитиот импресионизам, беше интерпретацијата на композицијата „Слика“ за соло флејта од францускиот композитор, (уште еден добар познавач на моќноста на флејтата), Ежен Боца. Ова дело, стилски репрезент на авторот, (кое излегува од импресионистичкиот идиом) има поостар звук и се движи во насока на неокласицизмот на Дариус Мијо, а флејтиската Билјана Камчева го изведе самоуверено и сигурно, очигледно блиско до нејзиниот личен сензибилитет. Веднаш потоа следуваше своевидна бурна завршница на концертот. 

Емотивната арија на Микаела од третиот чин во операта „Кармен“ од Жорж Бизе моментно донесе посилна енергија  и интензитет во концертната сала. Младата уметница со изненадувачка решителност и подготвеност во миг ја „транформира“ флејтата во моќен сопран, за потоа повторно заедно со Гацева да се нурнат во бравурозната  „Брилијантна фантазија“  за флејта и пијано од Франсоа Борн на темата „Кармен“. И уште еднаш, со идентичен жар како бис да ја изведат аријата „Сакам да живеам“ од операта Ромео и Јулија од Шарл Гуно! Енергија за респект.

Ќе појасниме: во потесна смисла, вокалниот настап на Камчева е изразито артистичен, сепак со извесен интонативен дисбаланс во мелодиската линија, се чини заради волуминозноста на гласот  (од друга страна пак разбирлив и својствен за млад, амбициозен уметник, желен да покаже сé што знае). Со констатација дека се движи во вистинска насока, младата уметница несомнено ќе работи на тоа да го култивира потенцијалот што го поседува.

Во целина, појавата на Билјана Камчева и Ана Гацева на сцена, во еден кус инспиративен миг донесе впечатлив „француски“ перформанс за соло флејта, дуо флејта со пијано, соло пијано, дуо глас со пијано... во најмала рака интригантно, богато и привлечно! Притоа двете уметници поседуваат заводлив темперамент што е уште еден чинител повеќе за успех кај публиката. Нивниот настап е доволно индивидуален, а во исто време и хомоген со што двете енергии се поврзуваат во единствена заокружена приказна.

Викица Костоска Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Томислав Зографски“