Вечер посветена на фаготот

Рецитал за фагот и пијано на домашните концертни подиуми е вистински раритет. Одамна не сме слушале целовечерен концерт посветен на овој благороден дувачки инструмент, предимно присутен во оркестарската и камерната музика. Секоја појава и солистичка делница во бројни симфониски и камерни дела од музичката литература, го прави фаготот незаменлив во креирањето разновидни звучни бои. Дотолку повеќе концерт за фагот претставува занимливо доживување.

Во рамките на богатата програмска содржина на годинешнава „Златна лира“ 2020, се претстави и македонскиот фаготист Даниел Апостолов, во пијано придружба на Катерина Гелебешева Костадиновска. Фокусот на вниманието, публиката го насочи токму кон специфичната звучна боја на инструментот. Токму таа единствена звучна боја, на моменти толку блиска до човечкиот глас, во содејство со подвижните технички можности го означуваат фаготот како инструмент што создава контрастни „расположенија“. Од типичните хумор и гротеска, па сé до меланхолични „вокално“ обликувани мелодиски линии.  Се разбира за таа цел, солистот Даниел Апостолов настапи со соодветна програма со која низ стилски разнолики пиеси, го слушнавме фаготот во полн сјај. Од барокната четириставачна Соната во е-мол од Георг Фридрих Телеман, преку еклектичното, во исто време виртуозно „Салонско Парче“ опус 230 од раноромантичарскиот чешки композитор Јан Каливода, потоа несекојдневната прилика да го слушнеме Шопен на фагот преку поетичната етида број 7 од опусот 25, па сé до комплексните варијации „Карневал во Венеција“ од Генин, неизоставен дел од програмите на бројни виртуози на дувачките инструменти.

Апостолов преку својата изведба, ни ги покажа сите лица на фаготот. Со Сонатата од Телеман, низ елегантните танци и препознатливи рецитативи од времето на седумнаесеттиот век, наизменични бавни и брзи ставови, уметникот претстави јасно обликувано чувство за автентичноста на барокниот стил. Во пиесата од Каливода оригинално создадена за фагот пак, ни најави, дека освен што поседува техничка прецизност (било да исполнува стакато или легато пасажи), мелодичните фрази ги обликува со мек и топол тон кој уште повеќе дојде до израз во етидата од Шопен. Задржувајќи го вниманието на публиката во целост, Даниел Апостолов во Шопеновата бавна етида, илустрираше една поинаква интерпретациска подготвеност, а тоа е умешноста во водењето мелодични фрази со суптилни крешченда и декрешченда на долги поединечни тонови, одмерени подзастанувања во темпото, одбегнувајќи патетична агогика, непотребна а толку честа при изведбата на дела од Шопен кај пијанистите. Тука неодминливо е да се додаде, дека пијанистката Катерина Гелебешева Костадиновска со извонредна прецизност „во чекор“ ја придружуваше делницата на фаготот, давајќи ѝ цврст и ритмичен пулс, но и дополнителна длабочина на тонот.

Варијациите „Карневал во Венеција“ на познатата фолклорна италијанска тема (како и впрочем воопшто варијациите), уште од времето на Паганини, уметниците ги изведуваат првенствено за да ги покажат техничките достигнувања, стремејќи се кон совршена виртуозност на својот инструмент. Во оваа вонредно сложена фактура, која обилува со најразновидни нагорни и надолни брилијантно брзи скалични и арпежни пасажи, со уште побрзо менлива артикулација, се опфатени широк спектар техники во свирењето фагот. Покажувајќи, покрај другото и физичка издржливост, солистот на вечерта Даниел Апостолов со полн капацитет и со леснотија ги изведуваше сите можни орнаменти, вибрата, двогласи, хроматика, но покрај техничките бравури, фаготот прозвуче со полна масивност во длабокиот регистар, наспроти боите на кларинет и саксофон во високите тонови.  Тука неодминливо ќе забележиме дека овој скромен (во поглед на сценската воздржаност) уметник на пиедесталот на сцената го поставува својот инструмент – фаготот, а не себеси што апсолутно не го намалува квалитетот на неговата изведба. Напротив, тоа укажува на целосна посветеност кон вештината на свирење фагот и наполно внесување во тој чин. Публиката имаше убава прилика за миг да осознае што сé крие овој прекрасен инструмент.

Викица Костоска Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Томислав Зографски“