Вечер на класична гитара


Претпоследната фестивалска вечер на годинешнава „Златна лира“ 2020 протекна со солистичкиот настап на гитаристот Борче Наумоски. Неговата кариера е насочена во областа на педагошката дејност и активностите со ученици и студенти, но и во концертни настапи во земјава и во странство. Репертоарот кој го изведува содржи дела од ренесансната епоха, па сé до современа музика.

На овој рецитал, гитаристот Борче Наумоски се претстави со делата „Фантазија“ од најпознатиот барокен лаутист и композитор за лаута Силвиус Леополд Вајс, „Големата увертира“ од опусот 61 од италијанскиот композитор и виртуоз на гитара Мауро Џулијани, Прелудиумот бр. 2 за гитара од прочуениот бразилски композитор Хектор Вила Лобос, популарната Шубертова „Серенада“ аранжман – варијации од австрискиот гитарист Јохан Каспар Мерц од кој ја слушнавме и неговата „Елегија“ и композицијата „Мајорка“ од шпанскиот композитор Исак Албениц. Со програмскиот концепт, гитаристот укажува тенденција кон изведба на помали музички форми со слободна формална структура со идеја да постигне лежерна атмосфера на концертот. Во тој стил со осбено изразена агогика и лично толкување на метро-ритмичките ознаки ги слушнавме изведбите на Фантазијата од Вајс и Прелудиумот од Вила Лобос. Додека, во „Серенадата“ низ повеќегласните варијации гитаристот покажа тежнение да ја извлече познатата мелодична тема од Шуберт. Се чинеше во естетска смисла уметникот во целост го идентификува својот вкус со оваа позната композиција што сме ја слушале во безброј аранжмани и преработки. А пак од друга страна, изведбите на карактерните шпански танци во пиесите на Албениц побудуваат допаѓање кај публиката, па така прозвуче и овој пат грациозната „Мајорка“ на гитара. Индивидуалниот пристап во толкувањето на ритмичниот пулс гитаристот Борче Наумоски го надополнува со динамични нијанси и суптилно обликуван тон. Во изразито интимната и елегантна пиеса „Елегија“ од Мерц, повторно со богатото варирање и виртуозните пасажи на гитарата, доминираше романтичната мелодична тема. Во изведба на уметникот делото го слушнавме во воздржан и ненаметлив манир.


Само би додале дека концерти со ваков профилиран лик, освен тоа што претставуваат уметничка „лична карта“ за изведувачите, се и убаво интермецо-минијатура за љубителите на класичната музика.

Викица Костоска Пенева
Фото: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Зографски“